Владата утре ќе ги укинува економските директори во здравството


Фото: Б. Грданоски

Владата на седница утре на дневен ред ќе го има законот за укинување на економските директори во здравствените установи, што беше најавено и од министерот за здравство Арбен Таравари пред една недела, а потврдено денеска.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека со законот што утре ќе биде на владина седница се укинуваат организациските места или т.н. економски директори во здравствените установи, односно, рече тој, „ставаме точка на дуализмот.“

-Мора да имаме едно лице коешто ќе биде одговорно и едно лице коешто ќе има обврски, права, но и одговорности пред граѓаните. Вака бевме сведоци на префрлање на обврските и на одговорностите и практично не можевме да локализираме јасно каде е одговорноста. Сега, со овој потег, јасно ќе знаеме каде е локализирана одговорноста, рече Мицкоски нагласувајќи дека ќе се укинат повеќе од  сто функции „коишто се на товар на граѓаните“.

Министерот Таравари пак, денеска на средба со новинарите, најави дека во Клиничкиот ценатер ќе има еден медицински и еден економски директор, како и двајца заменици-директори, еден задолжен за интернистичките, а друг за хируршките служби.