Владата усвои план за стратешкиот дијалог со САД

Владата на Македонија денеска го усвои планот на активности што произлегуваат од стратегискиот дијалог со САД. Премиерот Димитар Ковачевски порача дека со овој план ја надградуваме досегашната соработка и партнерство со САД , посочувајќи дека предизвиците не се тешки толку кога имаме пријатели и партнери.
Како што информираа Ковачевски и шефот на дипломатијата Бујар Османи, овој план е изготвен со американските партнери и станува дел од редовната владина програма. Планот вклучува судски реформи и борба со корупцијата, а во делот на одбраната предвидени се заеднички вежби на македонските и американските војници, како и модернизација на воената опрема. На економски план, се очекува во земјава да се отвори регионалното претставништво на американската корпорација за финансирање меѓународен развој. САД, преку активностите, ќе поддржи и план за диверсификација во енергетиката, но и посета на американски инвеститори. Воедно, ќе се одржи американско-македонски бизнис форум, ќе се работи на воведување директна линија Скопје-Њујорк, како и влез во програма чија крајна цел е безвизен режим во САД за македонските државјани.
Премиерот Ковачевски притоа посочи дека САД се подготвени да ги преземат сите неопходни чекори Македонија што побрзо да ја заврши евроинтеграцијата во ЕУ. Поделен е практично поделен на шест области и во секоја од нив има конкретни обврски за конкретни министерства и институции, а координацијата оди преку МНР.
-Дијалогот со САД ги опфаќа и актуелните безбедносни состојби, како и соработката на двете земји како НАТО партнери, рече премиерот. Тој нагласи дека зајакнувањето на билатералните односи со САД значат модерни закони, безусловно независна борба против корупцијата и криминалот, праведно и правично правосудство, но и правна и економска безбедност на нашата држава.
На прашањето дали стратегискиот дијалог е алтернатива на евроинтеграцискиот процес, поради заканите од Бугарија за вето, Османи рече дека двата процеси се комплементарни, иако е точно дека беше инициран во време кога беше блокирана Македонија.
-Патот на Македонија го гледам во неповратна фаза на евроинтеграцијата, иако има осцилации, рече министерот Османи.
Околу дилемата што ќе се преземе конкретно во борбата против корупцијата Ковачевски рече дека на овој план од година во година се прават исчекори, прво во однос на транспарентноста, но потсети на поделените надлежности и независноста на судството, иако и Владата има некои инструменти. Ако се видат податоците за откриени криминални и коруптивни случаи, според Ковачевски, ќе се види дека има зголемен број. Ги спомна и буџетските сретства што се одведуваат во судството, дигитализацијата, обезбедување на поголем број на квалитетни кадри таму, а најави и дека Владата треба да определи концепт за ветинг за да не се генерализира, туку да се утврдат поединците кои не си ја работат работата на посакувано ниво. За ова нагласи тој имаме помош и од ЕУ и од САД. Со нетрпение го чекам извештајот на ЕУ за да видиме кои се тие слабости што треба да ги надминеме за да имаме судски систем како во европските земји, посочи Ковачевски.