Владата уште се пазари со трговците, цените во маркетите и натаму во слободен режим
Цела недела по најавеното ограничување на маржата, Владата се уште нема донесено мерки со кои ќе се застане на пат на растот на цените

Министерството за економија и труд неделава се очекува да се изјасни по предлогот даден од страна на новата Комора на трговци за поевтинување на 100 до 200 прехранбени производи, средства за хигиена и бебешка храна откако во петокот беше остварена средба во Министерството.
Како што изјави во петокот Даница Блажевска од „Рептил“ маркети, претставниците на трговците и дистрибутерите побарале да има реално намалување на цените на 100 до 200 производи. Сметаат дека е подобро заедно со производителите и добавувачите да направат реално намалување на цените на 100 до 200 производи кои се најнеопходни за секојдневното живеење што ќе биде видливо за граѓаните.
Во оваа група производи се шеќерот, маслото, брашното, млекото, пилешкото месо, кои според трговците треба да имаат маржа од 3 проценти. За лебот, тестенините, оризот, за солта, за кафето, оцетот, за квасецот, рускиот чај, урдата, видови сирење, кашкавал, јајца, ајвар, зеленчук, овошје, пиво, бело и црвено вино, како и за дел од средствата за хигиена – прашок, паста за заби, тоалетна хартија, и друго, титет предлагаат маржа од 10 до 15 проценти.
Од Стопанска комора за трговија на мало и големо, кои ја подготвија листата на производи, сметаат дека на овој начин би поевтиниле околу 150 производи, а мерката би важела од 22 март до 22 април, со што би биле опфатени и претстојните празници Рамазан и Велигден.
Предлогот од Комората е подготвен откако Владата претходно одлучи да ги замрзне маржите на дел од производите на 10 отсто до крајот на април. Но, тоа се уште не се реализира затоа што најголемите трговци и дистрибутери во земјава побараа итен состанок со Владата за да ги кажат своите аргументи.
Ваквиот предлог на Комората на трговци доаѓа откако Владата го задолжи Министерството за економија да изготви Предлог-одлука за ограничување на маржите на 10 проценти во трговијата на мало и на големо по што од Комората побараа итна средба со Владата укажувајќи дека доколку се реализира одлуката, ќе бидат принудени да отпуштаат вработени и да ги затворат маркетите.
Предлог-одлуката на Владата уследи по двата граѓански бојкота за пазарање по маркетите поради зголемувањето на цените на основните прехранбени производи.

Ваквата одлука се темелеше на шестмесечниот извештај од Државниот пазарен инспекторат, според кој кај трговците на мало беше утврдено дека има над 20 отсто маржа на основните прехранбени производи и над 30 отсто маржа кај средствата за лична хигиена, додека кај увозниците и дистрибутерите се евидентирани повисоки маржи кои одат дури и до 50 отсто.
Со Предлог-одлуката требаше да бидат опфатени основните прехранбени производи на истите 73 групи на производи кои беа во претходните кошници, но и детергентите, бебешката храна и други непрехранбени производи кај кои е забележана многу висока маржа, а се дел од основните потреби на граѓаните.
Опозициската СДСМ смета дека економската состојба на државата е драстично влошена, а животниот стандард на граѓаните опаѓа. Како што изјави вчера потпретеседателката на СДСМ, Каја Шукова цените на храната се зголемени за 20%, а некои производи се покачени и повеќе, сметките за струја се зголемени од 20 до 30 отсто, а пет процентното поскапување на парното е нов силен удар на семејниот буџет.
„Политиките на кошнички доживеаја тотален дебакл а власта нема одговор на растечката скапотија и сирoмаштија. Иако Владата уште во вторникот најави замрзнувањето на маржите, оваа недела измина а одлуката не е донесена. Очигледно, интересот на бизнис елитата за владата е поважен од тоа да ги заштити граѓаните“ – изјави Каја Шукова, СДСМ.
Таа ја изнесе сеопфатната економска стратегија – сет на 7 мерки преточени во закони кои ќе имаат силен и брз ефект врз стандардот на граѓаните.
Овие мерки ќе делуваат како финансиска инекција и ќе го стопираат економскиот пад кој се случува, смета опозицијата.
1. Намалување на ДДВ на електрична енергија од 18% на 5% со што сметките за струја на граѓаните ќе се намалат за дури 13%. За сметка од 3.000 денари, граѓаните ќе штедат околу 400 денари.
2. Укинување на ДДВ за основните прехранбени производи со што граѓаните ќе заштедат 2.000 денари месечно или 12.000 денари годишно.
3. Замрзнување на цените на основните прехранбени производи за следните три месеци.
4. Фиксирање на маржите за основните прехранбени производи.
5. Итно спроведување на Законот за нефер трговски практики со што цените ќе се намалат и до 30%.
6. Намалување на цената на „зелениот картон“ за автомобили.
7. Зголемување на платите во приватниот сектор со замрзнување на придонесите. Оваа мерка ќе опфати 350.000 граѓани, со месечни зголемувања од 3.000 до 15.000 денари.
„Повикуваме сите пратеници во македонското Собрание да ги поддржат законите кои седумте мерки на СДСМ ќе ги преточи во предлог-закони“, рече Шукова.
Во меѓувреме, инфлацијата повторно доби на сила.
Како што покажа податоците на Државниот завод за статистика нфлацијата мерена преку индексот на трошоците на животот во јануари 2025 година, во однос на декември 2024 година, изнесува 0,2 отсто, а во однос на истиот месец лани, пак, индексот на трошоците на животот бележи зголемување од 4,9 отсто, а индексот на цените на мало бележи зголемување од 5,2 отсто.
Зголемувањето на инфлацијата во јануари 2025 година, во однос на декември 2024 година, е резултат на зголемувањето на трошоците на животот во следните групи: Разновидни стоки и услуги за 1,6 отсто, Мебел, покуќнина и одржување на домаќинствата за 1,5 отсто, Ресторани и хотели за 0,7 отсто, Храна и безалкохолни пијалаци, Алкохолни пијалаци, тутун и наркотици и Рекреација и култура за 0,1 отсто…
Ако се гледа на годишно ниво, во јануари годинава во однос на истиот месец лани, најголемо зголемување на трошоците за живот има кај храната и безалкохолните пијалоци, за 5,7 отсто, а во рамките на оваа група, најмногу се зголемиле трошоците кај маслата и мастите, за 11,8 отсто, потоа кај зеленчукот за 10 отсто, безалкохолните пијаолоци за 16 отсто, потоа виното за седум отсто, тутунот за шест отсто итн.