Владата смирува, парно за скопјани ќе има
Се бара најдоброто решение за обезбедување на најниска цена на гас или мазут со цел да се спречи ценовен шок и да не поскапи парното
Владата на Република Северна Македонија континуирано презема мерки за да обезбеди сигурно и стабилно снабдување со топлинска енергија за граѓаните на Скопје. Во овој момент се финализираат преговорите за регулирано производство на топлинска енергија, врз основа на претходно донесената одлука на Владата за избор на вршители на енергетски дејности, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија. Штом тие завршат, јавноста ќе биде навремено известена.
Граѓаните на Град Скопје ќе имаат парно, и согласно Законот за енергетика загарантирана е јавната дејност да се врши во целост без прекин.
Владата заедно со ресорните институции постојано работи на обезбедување на потребните ресурси за производство на топлинска енергија по најповолни цени се со цел домаќинствата да имаат помали трошоци. Конкретно, се бара најдоброто решение за обезбедување на најниска цена на гас или мазут со цел да се спречи ценовен шок и да не поскапи парното.
И оваа година како и минатата, Владата согласно законските можности прави максимални напори да обезбеди непречено снабдување на топлинска енергија за граѓаните на Скопје.
Во изминатиот период владиниот економски тим и ресорите енергетика имаа повеќе регионални средби и состаноци, со цел обезбедување на потребните енергенси во услови на најголемата светска криза која ја памтиме во поновата историја.