Владата го најавува писмото за Брисел, но не знае што ќе има во него
Орхан Муртезани вели дека во Брисел не се гледа со голем оптимизам на идејата за одложени уставни измени, а тој не е јасен ни какви гаранции очекува Владата
Министерот за европски прашања Орхан Муртезани потврди денес дека во Владата се подготвува писмо со нови идеи за одблокирање на преговорите на Македонија со Европската унија, но порача дека содржината на писмото сѐ уште не е готова, дека не е разговарано за неа, а и да биде готова, ќе биде објавена кога ќе се избере нова влада во Бугарија.
Тој практично потврди дека за време на престојот во Брисел и тој и премиерот Христијан Мицкоски добиле негативен одговор за предлогот за одложени уставни измени, порачувајќи дека во Брисел на тој предлог „не се гледа со голем оптимизам, но не се ни отфрла целосно“. Според она што го кажа на денешната прес-конференција во рамките на отчетот за „Сто дена Влада“ ни самите тие немаат јасна идеја што да содржат новите идеи за спорот со Бугарија.
„Ние треба да настојуваме да најдеме решение што е прифатливо и за нашите стратешки партнери. Ова не зависи толку од нив, колку од нашата волја и ангажман за изнаоѓање решение“, порача генерално Муртезани.
На прашањето какви се тие идеи што нема да ги содржат уставните измени, Муртезани одговори:
„Се работи на изнаоѓање на нови решенија кои се дел од интерни разговори во Владата. Сѐ уште немаме финален предлог, но и да имаме нема да брзаме да го објавиме пред да бидат завршени изборите во соседна Бугарија. Бидејќи во периодов и да имаме најдобар можен план, не знаеме дали ќе биде прифатен од другата страна. Затоа ќе се работи интензивно на изнаоѓање решение“.
Тој практично порача дека уставни измени мора да има, бидејќи тие не се услов од Бугарија туку од 27 земји членки на ЕУ.
„Тоа е јасно наведено и во заклучоците на Советот. Ние, всушност, се обидуваме да го заштитиме процесот по уставните измени. И премиерот и владата имаат споменато неколкупати дека не е спорно да се донесат уставни измени, но сакаме да бидеме сигурни дека процесот нема да биде повторно предмет на дополнителни блокади“, рече Муртезани.
На прашањето како ќе реагира коалицијата „Вреди“ доколку не се случат уставните измени до декември, како што инсистираа претходно, Муртезани рече дека тие дале рок од шест месеци владата да понуди решение за надминување на кризата, а сега сѐ уште е четвртиот чесец, така што кога ќе се стигне до крајот ќе разгледаат какви се можностите и што би направиле натаму.
„Моментално рокот тече. Пред да дојдеме при крај нема што да коментираме. Кога ќе дојдеме при крај ќе видиме кои се алтернативите “, порача Муртезани.
Околу дилемата дали се бара решение со Бугарија или директно со ЕУ, тој одговори дека на сите средби што ги имале со високи претставници на Брисел и други од со земјите членки било побарано помош за да се создаде простор за дијалог со Бугарија, забележувајќи дека за нас би било полесно ако тој се овозможи или се олесни од европските стратешки партнери.
Какви пак гаранции очекува владата од Брисел, Муртезани не беше многу јасен.
„Ако ги гледате, не Договорот за добрососедство туку Протоколот со Бугарија, гледате дека има огромни можности за дополнителни блокади. Ние како влада, ако сметаме дека постои таков ризик и дека со надминување на сегашниот чекор само ќе ја поместиме уште еднаш блокадата понатаму, треба да ги исцрпиме сите можности за да обезбедиме некакви гаранции дека нема да бидеме повторно предмет на блокади“, рече Муртезани.
Тој потоа оцени дека всушност не е работата ЕУ да ни гарантира нешто, туку дека тие како Влада се должни да го заштитат интересот на граѓаните и на државата.
„Ако веќе сметаме дека постои таков потенцијален ризик подобро е да се подготвиме сега да го елиминираме тој ризик, отколку да ги усвоиме уставните измени и да се соочиме со нова блокада“, заклучи министерот.
Според него, блокади можеме и ние да си предизвикаме сами ако реформите во правосудството ги тераме спротивно на европската пракса, но проблемот со Договорот за добрососедство и со Протоколот е што двете страни различно ги интерпретираат, а во Владата сакаат да бидат сигурни дека „некоја идна унилатерална интерпретација на Бугарија нема да стане став и на Европската унија“.
Околу можноста Бугарија да ни ги блокира парите од Планот за раст, Муртезани рече дека засега нема такви најави, ниту пак има причини, дека постојан механизми за земјите членки да го направат тоа, но досега такво нешто не е споменато ни формално ни неформално. Уште повеќе тој оцени дека нашата реформска агенда била издвоена како најдобра во регионот.
Раздвојувањето на процесот на преговори на Албанија од Македонија Муртезани го оцени како јасна и силна порака дека процесот на проширување е жив, но дека Македонија мора да побрза во наоѓањето решение.
„Главната порака е дека процесот на раздвојување е долг, но се случува и се случува со брза динамика. Затоа треба да најдеме брзо решение, за да го фатиме овој бран на проширување. Раздојувањето на Албанија од Македонија прака јасна и силна порака дека процецот на проширувањето е жив, дека се случува со огромна брзина и дека ние треба да најдеме решение во најкус можен рок. Лично сметам дека процесот на раздвојувањето е почнат пред формирањето на новата влада. Ние сега треба да ги согледаме сите околности и да работиме на наоѓање решение за тоа“, рече Муртезани.