Владата решава дали ќе ги откаже карневалите, спортските настани…


Владата денес решава за предлогот на Министерството за здравство за откажување на јавните собири наредната недела, како превенција од ширење на корона вирусот, соопшти на прес конференција Министерот за здравство Венко Филипче.

Во прв план станува збор за карневалот во Струмица кој треба да се одржи вечерва, како и претстојниот карневал во Прилеп. Локалните медиуми во Струмица веќе известија дека карневалот е откажан. Како што е познато, во Струмица, покрај Скопје се наоѓаат неколку лица во изолација, кои мале контакт со жената  која е згрижена на Инфективната клиника во Скопје и кај која е констатиран корона вирус.

„Согласно Законот за спречување заразни болести, го предложив тоа до Владата, и тој предлог денес ќе биде ставен на владината седница која се организира специјално за оваа точка. Ова е мерка за превенција од ширење на вирусот. Масовните јавни собири се ризик, со фокус на двата карневали кои се планира да се одржат во следниве денови. Препорачуваме мерката за забрана да важи најмалку една недела, но можно е потоа да се донесе и друга мерка, во зависност од развојот на ситуацијата кај нас и во регионот“, рече Филипче.

Предлогот е да се забранат сите собири каде што има голем број на луѓе.

„Во затворен простор е поголем ризикот, но и на отворен простор сигурното растојание меѓу луѓето е најмалку метар ипол – два, а тоа на карневалите не е возможно“, рече Филипче Тој смета дека треба да се откажат сите собири, вклучително и спортските натпревари и со таков прелог ќе настапи на владината седница.

Филипче исто така извести дека се чекаат резултатите за еден патник кој дошол од Италија и кој имал температура над 37 степени и кои ќе бидат познати во текот на денот. Станува збор за струмичанец кој на 22 февруари дошол од Италија, а се јавил денеска. Филипче објасни дека кога пристигнало од Италија лицето немало симптоми на било какво заболување.

„Откако му се јавиле симптомите се јавил на еден од телефоните. Натамошната постапка ќе зависи од резултатите на тестовите“, рече Министерот.

Тој додаде дека на двајца бугарски државјани кои се на работа во битолска фирма им е советувано да бидат дома и им биле дадени препораки како да се однесуваат, откако вчера се пријавиле дека биле во Северна Италија. Тие не дале податок дека биле во контакт со заболени лица.