Владата промовираше Партнерство за отворена влада – зад затворена врата

Владата денес промовираше Партнерство за отворена влада што се случи зад затворена врата, како што доликува на власт што не објавува ни дневен ред од редовните седници што ги одржува.
Настанот не беше ни најавен однапред, а беше искористен за куп фрази и како можност премиерот Христиојан Мицкоски да даде изјава за „големиот“ скандал со прислушкување од страна на АНБ. Од сето она што беше кажано треба да произлезе дека Владата отсега натаму ќе биде отворена, но начинот како ја пратија потраката, во која патем никој не верува, беше уникатен за контекстот.
На настанот имаше и гостин од странство, Ајдан Ејакузе, директорот на Партнерство за отворена власт, кој соопшти дека иницијативата започнала во 2011 година, а Северна Македонија се приклучила уште тогаш. Вклучени се 74 национални влади и илјадници партнери од граѓанското општество, а целта е владите да се потранспарентни и поотчетни за да им служат на своите граѓани.
„Целта е да ја елиминираме корупцијата и да обезедиме владеење на правото. Во светот довербата на јавноста во власта е поткопана, луѓето немаат доверба. Тоа создава фрустација и нестабилност, но тоа може да се поправи. Владата е партнер во решавањето на нивните реални проблеми и приоритети. Филипини, Колумбија, Хрватска, се држави кои ја вратија врската меѓу граѓаните и Владата, а РСМ ќе ги следи овие лекции“, рече Ејакузе.
Тој додаде дека корупцијата ги цеди јавните ресурси, ја руши довербата во државата и не е доволно само да се носат закони против корупција.
„Отворената влада докажа дека таков пристап е возможен, може да се спречат компаниите да ги кријат незаконски добиените пари. Ќе ве поддржиме со експертиза, со идеи, со врски за учење, со видливост на глобален план, за да да биде оваа држава на која ќе ѝ веруват граѓаните“, рече тој.
На состанокот обраќања имаше и министерот за јавна администрација Горан Минчев, кој не толку одамна прогласи и карј на партизацијата во јавната администрација, по што почна масовно вработување на партиски кадри пред изборите, шро ескалираше со насилниот обид да се смени директорката на училиштето во Демир Хисар.
„Денеска сме собрани околу една идеја која е темел на секоја зрела демократија – отворената власт. Испраќаме јасна порака: политичката волја и решеноста на Владата да продолжи со реформите во борбата против корупцијата, модернизацијата на јавниот сектор, дигиталната трансформација и јакнењето на демократската стабилност кои што како поими не се декларативни, туку реални и практични.Нашата определба за партнерство и транспарентност е тесно поврзана со европската иднина на државата. Процесот на приближување кон Европската Унија не е само административна постапка, туку суштински трансформациски пат. Отворената власт е алатка преку која ефективно ја реализираме Програмата за работа на Владата 2024–2028, во чиј фокус се граѓаните и нивната доверба во институциите“, рече Мицкоски на настанот еден од повеќето на кои владата ја исклучува јавноста и си зборува сама со себе.