Владата пред избори подготвува повторно линеарно зголемување на пензиите. Еве за колку

Владата е „многу блиску“ до донесување одлука за линеарно зголемување на пензиите во октомври годинава и во април идната година за по илјада денари. Ова вечерва го изјави премиерот Христијан Мицкоски во „Само интервју“ на Канал 5 телевизија при штпо рече дека тоа би се реализирало или преку закон по скратена постапка од страна на Владата или преку предлог на група пратеници.
„Сериозно сме ангажирани во таа анализа. Правиме проценка колку би било тоа зголемување и колкав би бил волуменот на парична маса да го поделиме со бројот на пензионери“, рече Мицкоски.
Тој појасни дека се прават анализи за линеарно зголемување на пензиите по илјада денари есенва во октомври (за пензиите во септември. заб) кога ќе ја земат пензијата и во април идната година за мартовските пензии, односно практично за 2.000 денари линеарно зголемување за сите пензионери во рамки на шест месеци.
„Сериозно сме во таа анализа и многу скоро од денес ќе излеземе со предлогот, бидејќи тоа мора да се случи пред распишување на изборите“, рече Мицкоски.
Тој ваквиот предлог го образложе дека е на барање од пензионерите.
„Секаде каде што одам и секаде каде што разговарам велат не е битно колку, и 500 денари да се, нека биде линеарно“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека се прават анализи, а денеска разговарал на оваа тема со министерката за финансии како и со министерот за социјална политики ја демографија и млади и со заменикот во тоа министерство, нагласувајќи дека се „многу блиску до таа одлука“.