Владата постигна договор со УПОЗ и КСС – платата на административците ќе се зголеми за 40 отсто до 2028


 

Постигнат е договор, околу 11.000 административци ќе земат покачување на платите од скоро 40 отсто до 2028 година, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски по средбата со репрезентативните синдикати во Владата.

„Ова е еден поширок пакет каде ќе бидат опфатени заедно со вработените во судовите и обвинителствата некаде околу 11.000 вработени и со ова Владата како најголем работодавач со своите колеги воспоставува договор и тој договор е со рок на траење до 2028 година. Претходно имаме вакви договори и со вработените во образованието и со вработените во здравството и во останатите институции, така што кога сето ова ќе се заокружи, ние како Влада, како најголем работодавач, практично ги имаме регулирано нашите односи со нашите колеги во рамките на институциите. Ова е историски момент, бидејќи досега никогаш порано не се случило да имаме ваков план за зголемување на платите и нивно усогласување за да дојдеме до некое достоинствено ниво“, истакна Мицкоски.

Ова се, напомена премиерот, тие храбри чекори што ги прави Владата, но некои структури во синдикатите не биле подготвени за соработка.

„Ова е вин-вин комбинација, односно двете страни да добијат, а најмногу граѓаните поради довербата со одредени структури во синдикатите. Не велам со сите, бидејќи има структури што за жал никако да излезат од политичките прегратки на одредени политички партии“, рече Мицкоски.