Зоран Димитровски: Владата останува стабилна и по оставката на Милевски

Владата останува стабилна и по оставката на Горан Милевски, оцени заменик-министерот за локална самоуправа, Зоран Димитровски.
„Се работи за министер со кој имавме дневна комуникација и добра соработка и започнавме доста проекти. Министерот зад себе ќе остави доста започнати проекти. Која е причината за негова оставка, тој самиот кажа. Иако е факт дека имаше внатрепартиски превирања во ЛДП, јас не би можел да се мешам во тоа, вели Димитровски.
Околу тоа дали причината за недоразбирањата во ЛДП беше „францускиот предлог“ за почеток на преговорите со ЕУ, Димитровски вели дека не сака да суди.
„Тоа што сакам да го испратам како порака е дека помалите партии се сепак партии од центарот и треба да го задржат својот идентитет. Поголемите партии сакааат да ги задушат помалите и да ги направат приврзоци. Постојат за да велат дека се пајтон-партии и немаат членство, а во моментите кога ќе покажат сила и влијание во јавноста, сакаат да ги присвојат кон себе. Решение за ова е една изборна единица. Не треба да им се придава многу значење на овие настани од аспект на некаква реконструкција во Владата. Се работи за случај во една партија и еден министер кој дава оставка и тоа нема да влијае на стабилноста на Владата“, додаде Димитровски.