Владата одобри урбанистички проекти за Коридорот 8 за да почне градбата


 

Владата на денешната седница разгледа и усвои информации за одобрување урбанистички проекти за градби од стратешки интерес, за изградба на патен Коридор 8, делница на автопат: Тетово – Гостивар, како и делница на автопат: Гостивар – Букојчани и донесе одлуки за двата урбанистички проекта.

Владата го одобри урбанистичкиот проект за градби од стратешки интерес за изградба на патен Коридор 8, делница на автопат: Тетово – Гостивар. Во оваа фаза, предмет на овој урбанистички проект се 15,4 км од вкупната должина. Останатиот дел од трасата ќе биде предмет на дополнителни урбанистички проекти. Вкупната должина на автопатската делница Тетово – Гостивар е околу 17.5 км.

Владата го одобри и урбанистичкиот проект за делницата на автопатот Гостивар – Букојчани, од патниот Коридор 8. Во оваа фаза предмет на урбанистичкиот проект, како што е посочено, ќе бидат 8,43 км од вкупната должина. Останатиот дел од патната делница ќе биде разработен во следните фази на проектирање. Вкупната должина на автопатската делница Гостивар – Букојчани е 30,4 км.

Овие урбанистички проекти се изработени согласно Законот за урбанистичко планирање, Правилникот за урбанистичко планирање и останатата законска регулатива, којашто е релевантна за проектниот процес и реализација на проектот.

Со ова, Владата јасно покажува дека е силно фокусирана на доизградба на патниот Коридор 8, како стратешки проект од национален интерес.