Владата одобри поддршка на млади до 5.000 евра

На седница на Влада денеска, беше разгледана информацијата за носење на Предлог-програма за финансиска поддршка на проекти од областа на младите на младинските организации, организациите за млади и младински чадор организации за 2025 година преку министерството за социјална политика, демографија и млади.
Преку Министерството ќе се дадат грантови за проекти од областа на младите, на младинските организации во износ не поголема од 300.000 денари.
Проектите и апликациите треба да се насочени кон следните приоритетни цели и тоа:
– зајакнување на влијанието на младите во сите процеси на донесување одлуки на локално и национално ниво врз основа на соодветна правна рамка;
– препознавање на младинската работа како клучна алатка за помагање на позитивниот личен и социјален развој на младите;
– оспособување на младите со знаења и вештини за медиумска и дигитална писменост кои препознаваат дезинформации и ги артикулираат сопствените интереси и ставови како активни граѓани во општеството со развиена критичка свест;
– зголемување на свеста и имплементација на мерки за намалување на врсничко насилство, родово базирано насилство, сајбер безбедност и дигитална хигиена во рамките на образовните институции и
– креирање на иновативни решенија за намалување на невработеноста на младите и промоција на мерки за самовработување и претприемништво.
Се со цел да се запази транспарентноста, ќе се објави јавен повик при што претставници од министерството и Генералниот секретаријат ќе ги разгледуваат апликациите и проектите, додека пак распределба на средствата ќе се врши согласно правилник за распределба.