Владата не смее да потклекне на притисокот на угостителите


Ангела Меркел во Бундестагот гневно им порача на Германците дека е неприфатливо да има толку многу починати секој ден и владата потоа усвои многу строги мерки. Кај нас угостителите, поради нивен интерес, ја пристискаат Владата да ги олабави мерките, мислејќи само за себе, а не на јавното здравје

 

Мирче Јовановски

Дали Владата ќе ги прифати препораките на Комисијата за заразни болести за нови рестрикции за угостителските објекти и за собирањата во пресрет и за време на новогодишните празници или ќе донесе некое хибридно решение од типот „и волкот сит и овците на број“ ќе се знае веќе утре за кога е закажана расправата која ја чекаат и угостителите, но и многу граѓани.

Едно е сосема јасно – корона вирусот нема разбирање за потребите на луѓето за дружење, уште помалку за прослави, а најмалку за собирања каде што во комбинација со алкохолот и доброто расположение нема место за основните препораки кои секојдневно ги слушаме – маски, миење раце и социјална дистанца.

Оттаму, Владата не смее да потпадне под притисокот кој континуирано го прават угостителите кои, тргнувајќи пред сѐ од сопствениот интерес, бараат во овој за нив најдоходовен период, да попуштат мерките.

Владата треба да најде сили мерките што се препорачуваат во целост да ги спроведе, па дури и повеќе од тоа – да спречи во текот на празничните денови организирање забави „на диво“ и разни видови собирања кои ќе ја разгорат заразата.

Но, за возврат, да им овозможи на погодените економски субјекти, пред сѐ на угостителите и хотелиерите, музичарите итн. како на едни од најпогодените во кризата, дополнителни даночни олеснувања и бенефиции, односно соодветна финансиска помош.

Во изминатите месеци додека трае пандемијата, Владата неколку пати „се сопна“ правејќи компромиси преку носење мерки кои не беа ниту риба ниту девојка, обидувајќи се да најде баланс меѓу здравствените и економските аспекти на кризата, или да удоволи на верски и други кругови. Па така, кога папата во Ватикан сам држеше миса, кај нас се толерираа верски обичаи.

Резултатот секогаш беше поразителен – преку нови зголемени бројки на заразени и починати.

Ако се гледа чисто од аспект на бројки, иако тоа е невозможно бидејќи во прашање се човечки судбини (но дури и така) математиката на крај веројатно би покажала дека вкупните општествени трошоци кои луѓето и државата ги имаат за лекување, изгубени работни часови, денови поминати во изолација и други подолгорочни последици од заболувањето, чинат повеќе отколку почитувањето на строгите мерки, а засегнатите сектори соодветно да се компензираат.

Инаку, не е тајна дека угостителското лоби е прилично моќно. Кога не би било така, тогаш тротоарите би биле слободни, а не запоседнати од таканаречените тераси и она што се нарекува урбана опрема.

Дали поради фактот што локалните власти добиваат значајни приходи од секоја поставена маса, или поради тоа што во оваа дејност се вработуваат многу, пред сѐ млади лица што влијае на стапката на вработеност, или поради други причини, ретко која од властите до сега се одважувала да влезе во отворен судир.

Корона кризата фрли во очај многумина од оваа дејност бидејќи буквално преку ноќ останаа без приходи, како и без можност да ги вратат вложените пари во нивните објекти.

Но, тоа не може да се земе како оправдување за ароганцијата која често ја манифестираат некои од асоцијациите на угостителите со начинот на кој ги формулираат барањата, безмалку како да се над Комисијата за заразни болести, делејќи ѝ совети и препораки за враќање на работното време до 23 часот, или за Нова година до 1 часот по полноќ.

Некои се толку бесмислени (од типот на хипотетичко прашање како би било да се организираат забави за оние кои прележале корона), дури и кажани со иронија, не доликуваат на кризата која ја живееме.

Многу земји во Европа во пресрет на божикните и новогодишните празници најавуваат или веќе преземаат строги мерки.

Деновиве голем публицитет доби настапот на германската канцеларка Ангела Меркел во Бундестагот, кога буквално молејќи се обрати со зборовите „Навистина ми е жал, од дното на моето срце. Но, ако цената што ја плаќаме е 590 смртни случаи на ден, ова е неприфатливо“. Таа притоа се заложи за многу поостри ограничувања на јавниот живот во пресрет на Божик. Меркел експлицитно излезе во прилог на препораките на Националната академија на науките во кои се повикува на прекинување на одењето на училиште почнувајќи од 14 декември, продолжен божикен распуст за училиштата, целосно затворање на сѐ, освен на основните бизниси, почнувајќи од 24 декември, и работење од дома во најголема можна мерка.

Рестриктивни мерки се преземаат и во многу други држави – Швајцарија, Австрија…, но и во регионот – Хрватска, Србија, Грција…

Кај нас, во изминатиот период бројките од заразени и починати се меѓу повисоките во Европа и споредено со земјите од регионот. Тие се стабилизираа на едно високо ниво, од околу 32-33 отсто позитивни случаи од бројот на тестираните. Слично е и со бројот на починати. Веќе сега е проблем да се дојде до соодветна лекарска грижа, која што е еден од клучните фактори во успешното справување со пандемијата и со болеста. Што би се случило доколку бројките повторно почнат да растат?

Според сите најави, вакцината против КОВИД-19 кај нас не треба да се очекува пред март или април идната година. Но, дури и во земји каде што почна да се аплицира, советот на стручњаците е дека мерките треба да продолжат и во наредниот период. Проценките се дека првите ефекти може да се очекуваат дури некаде на лето или во раната есен.

До тогаш, за жал, ќе треба да живееме со реалноста дека овие месеци треба да се преживеат со што помалку заболени и починати.

Бидејќи, изгубените бизниси можат да се надоместат, но човечките животи и изгубеното здравје не.