Владата не се откажува од изградба на дата центри
Премиерот Христијан Мицкоски вели дека владата не се откажува од идејата за изградба на дата-центри затоа што светот и човештвото одат во таа насока и тој процес е неповратен. Тој рече дека владата не добила никаков допис од ЕУ дека се откажуваат од финансирање и давање грант за изградба на националниот дата центар.
„Прашањето е дали ние како држава сакаме да останеме заглавени во 19. и 20. век со некои ретрополитички сили или сакаме да грабиме кон иднината? Апсолутно се грижиме за иднината на оваа држава и брз економски развој“, истакна Мицкоски во одговор на прашање дали се точни информациите дека ЕУ испратила допис до сите земји во регионот дека се откажала од финансирање и давање грант за изградба на национални дата центри и оти ова нема да биде дел од реформската агенда.
Благодарение на тие дата-центри и вештачката интелигенција, нагласи Мицкоски, денеска можевме да видиме како функционира голем дел од оваа опрема на ГП „Табановце“, каде што беше денеска.
И евроамбасадорот во земјата, Михалис Рокас, беше прашан дали дата центрите во земјите од Западен Балкан веќе не се приоритет за Брисел, со оглед на тоа што ЕУ ја финансира „Везилка“ во Македонија.
„Јас, за жал, не можам да ја потврдам вашата информација. Како што веќе знаете, ‘Везилка’ беше пуштена во употреба, односно во функција пред два месеци. Таа треба да биде поврзана со поголемиот дата-центар во Република Грција, така што навистина досега немам добиено никаква информација во врска со вашето тврдење“, кусо одговори Рокас.