Владата не постигна напредок во клучните економски реформи, оцени Европската комисија

За многу од поглавјата во делот на економијата се вели дека е постигнат одреден напредок, и дека се делумно или не се спроведени препораките на Европската комисија


 

Европската комисија во најновиот извештај за напредокот на нашата земја нагласува дека Владата не постигнала напредок во клучните економски реформи, како и дека ги одложила плановите за фискална консолидација и за целосната имплементација на органскиот закон за буџет првично планиран за 2025 година.

Генерално, во однос на економските критериуми и постоењето на функционална пазарна економија, според извештајот на Европската комисија, Македонија постигна ограничен напредок и е на добро ниво на подготовка во развивањето на функционална пазарна економија.

Реалниот раст на БДП се забрза во 2024 година, поттикнат од приватната потрошувачка и јавните инвестиции, но надворешната позиција се влоши, а инфлацијата, по значителното намалување, повторно скокна од септември 2024 година. ЕК исто така нотира дека фискалниот дефицит за 2024 година го надмина првичниот план како резултат на зголемувањето на платите и пензиите во јавниот сектор, одложувајќи ја фискалната консолидација и почитувањето на фискалните правила.

„Извршувањето на планираните капитални расходи продолжува да страда од слабо справување со јавните инвестиции. Напорите за формализација на неформалната економија се заглавени“, посочува Европската комисија во извештајот за македонија.

Во делот посветен за банкарскиот сектор се вели дека централната банка почна претпазливо да ја олабавува монетарната политика и беше зајакната макропрудентната рамка, а банкарскиот сектор остана отпорен во услови на солиден пораст на кредитниот раст.

Генерално, состојбата на пазарот на трудот се подобри, но како што укажува ЕК, структурните проблеми продолжуваат, вклучувајќи ниски стапки на учество, значителна емиграција и голем јаз меѓу половите.

Европската комисија исто така нагласува дека препораките на Комисијата од минатата година беа само делумно спроведени и затоа остануваат во голема мера валидни.

„Во наредната година, Северна Македонија треба особено: да го усвои преостанатото законодавство за спроведување на органскиот закон за буџет и да обезбеди усогласеност со фискалните правила, вклучително и со усвојување дополнителни мерки за зголемување на приходите и контрола на тековните трошоци; да се забрза спроведувањето на акцискиот план за управување со јавни инвестиции и да се усвои Законот за јавно-приватно партнерство; да се усвои и спроведе ревидиран акциски план за формализирање на неформалната економија“, се дел од домашните задачи што треба да ги спроведе Владата.

Како што се оценува во извештајот, Македонија постигна одреден напредок и е умерено подготвена да се справи со конкурентскиот притисок и пазарните сили во рамките на ЕУ.

Од ЕК посочуваат дека новиот Закон за стручно образование и обука вклучува некои мерки за справување со значителните несовпаѓања на вештините, како и дека дигитализацијата на економијата напредува, а новите училишни наставни програми овозможуваат подобро предавање на ИТ вештини.

Европската комисија исто така нотира дека остануваат значителни инвестициски потреби во транспортната и енергетската инфраструктура.

„Проектите за подобрување на патната и железничката инфраструктура и за дигитализација на јавните услуги напреднаа донекаде, но треба да се зајакнат за да имаат позитивно влијание врз конкурентноста на домашните компании“, смета ЕК.

Уделот на производството на енергија од обновливи извори дополнително се зголеми. Интеграцијата со ЕУ во трговијата и инвестициите, како и целокупната отвореност на трговијата, останаа високи во 2024 година, се вели во извештајот.

ЕК потсетува дека препораките од минатата година не беа целосно имплементирани и затоа остануваат валидни. Во наредната година, Македонија треба особено да ги зголеми финансиските и човечките ресурси за да ги забрза реформите во системот за стручно образование и обука и да го спроведе Законот за средно образование; да ги заврши клучните проекти во транспортната инфраструктура, како што се патните коридори VIII и X; да ја зголеми употребата на обновливи извори на енергија, вклучително и со донесување на нов закон за обновливи извори на енергија.

Во однос на управувањето со јавните инвестиции, ЕК вели дека во 2024 година бил формиран нов оддел, а законските акти што ги регулираат процедурите беа донесени во април 2025 година по значително одложување.

„Владата ги суспендираше директните субвенции за домашниот производител на електрична енергија, ЕСМ, но ги замени со големи гаранции за комерцијални банкарски кредити и презеде нови обврски за трошење што бараа дополнителен буџет“, се вели во извештајот.

Во врска со макрофинансиската помош на ЕУ, владата не изрази интерес за спроведување на втората и последна транша и поврзаните реформи. Во ноември, истече двегодишната линија за претпазливост и ликвидност (PLL) на ММФ. Во согласност со обврските од PLL, земјата напредуваше во фискалните и структурните реформи, го зајакна фискалното управување и ги намали надворешните нерамнотежи за време на периодот на PLL. Сепак, таа не исполни некои други обврски, особено во врска со навремената проценка на фискалните ризици од јавните работи на патните коридори VIII и X-Д, како и ревизијата на буџетот што значително го зголеми планираниот буџетски дефицит во однос на целта на PLL, се вели во извештајот на ЕК.

Исто така, се додава во извештајот, имплементацијата на политичките насоки договорени на Економскиот и финансискиот дијалог во мај 2024 година е ограничена. Владата не ја исполни првичната фискална цел во 2024 година, а платите во јавниот сектор беа зголемени во текот на годината над првично буџетираните средства, додека пензиите беа зголемени во септември 2024 година и повторно во март 2025 година, на линеарен начин наместо преку индексација.

„Буџетот за 2025 година не е во согласност со новото правило за дефицит, чија примена е одложена до 2027 година, една година подоцна од првично планираното“, посочува Европската комисија, додавајќи дека Владата не иницираше никакви мерки за елиминирање на даночните ослободувања, како и дека сè уште не го усвоила нацрт-законот за јавно-приватни партнерства.

Европската комисија предупредува и на кумулативниот пораст на нивоата на јавниот долг во последните пет години кој предизвикува загриженост. Јавниот долг се зголеми за 4,3 процентни поени на годишно ниво на 62,4% од БДП во 2024 година, значително над нивото од пред пет години (49,2%). Иако учеството на надворешниот долг во јавниот долг се намалува во последните пет години (-5,7 процентни поени), тој останува висок, на 55,6%. Генерално, долгот во странска валута сочинуваше 66% од вкупниот долг. 91% од долгот во странска валута е во евра, што е значително над прагот утврден во стратегијата за јавен долг (80%). Сепак, ризиците што произлегуваат од девалвацијата на девизниот курс се ублажуваат со „де факто“ врзувањето на валутата за еврото.

Според ЕК, експанзивните фискални политики го намалија фискалниот простор и ризикуваат зголемување на домашните ценовни притисоци, а преку привремените ценовни ограничувања за клучните категории на храна и ограничувањата на профитните маржи на трговците на мало, владата придонесе за нестабилноста на инфлацијата.

Во однос на одделните поглавја, се наведуваат и различни оцени. Така, во делот на јавните набавки се вели дека Македонија е „умерено подготвена“, како и дека е постигнат ограничен напредок од последниот извештаен период со ажурираната верзија на електронскиот систем за јавни набавки. Препораките на Комисијата од минатата година беа само делумно имплементирани, па препораките остануваат да се усвои Законот за јавно-приватно партнерство и Законот за концесии, за понатамошно усогласување на правната рамка во овие области со законодавството на ЕУ; да се зголеми конкуренцијата и користењето на критериумите за економски најповолна понуда за доделување договори и подобрување на следењето и контролата на постапките за јавни набавки преку известување за неправилности, случаи на судир на интереси и измамнички практики и нивно следење, зајакнување на контролите во јавните набавки и тн.

За поглавјето Статистика, се вели дека земјата е помеѓу умерено и добро ниво на подготовка, како и дека е постигнат одреден напредок, главно во статистиката на пазарот на трудот и робусното пренесување на статистички податоци. Меѓу другото се препорачува да се заврши подготвителната работа за земјоделскиот попис што треба да се спроведе во 2026 година;

Кај Финансиска контролата се вели дека земјата е умерено подготвена и дека е постигнат одреден напредок со усвојувањето на Законот за јавна внатрешна финансиска контрола, по повеќе од четири години парламентарна постапка, но дека независноста на Државниот завод за ревизија (ДЗР) сè уште не е загарантирана со Уставот.

Кај Кластерот 2 – Внатрешен пазар, во поглавјето Слободно движење на стоки, во извештајот се вели дека Македонија е умерено подготвена за слободно движење на стоки и дека не е постигнат напредок во периодот на известување, односно препораките на Комисијата од минатата година не беа спроведени. Во наредната година, Северна Македонија треба особено: да го усвои Законот за надзор на пазарот и спроведувањето на законодавството потребно за завршување на усогласувањето со Директивата на ЕУ за општа безбедност на производите; да усвои нова стратегија за слободно движење на стоки, која треба да вклучува планирање за значително зголемување на човечките ресурси за правен и политички развој и имплементација на законодавството на ЕУ во ова поглавје; да усвои нов акционен план за елиминирање на нетарифните бариери во трговијата и да обезбеди усогласеност со членовите 34-36 од Договорот за функционирање на Европската Унија, а потоа да започне со спроведување на овој акционен план.

За поглавјето Слобода на движење на работници се вели дека Македонија е во рана фаза на подготовка за слободата на движење на работниците и не е постигнат никаков напредок во оваа област. Во наредната година, Македонија треба особено да го зајакне капацитетот на Агенцијата за вработување, преку продолжување на организирање обуки, и дополнително да го усогласи законодавството и размената на добри практики, во согласност со прописите на Европските служби за вработување (EURES) и Европскиот орган за труд (ELA); да продолжи да ја усогласува правната рамка со acquis на ЕУ за пристап до пазарот на трудот, особено со правилата за недискриминација врз основа на националност против работниците од ЕУ во сите сектори; да продолжи да преговара и да склучува билатерални договори за координација на социјалното осигурување и здравствено осигурување со земјите-членки на ЕУ и да воспостави административни мерки за подготовка за пристапување и за електронска размена на податоци за социјално осигурување.

Во однос на Поглавјето Слободно движење на капитал во извештајот се посочува „помеѓу умерено и добро ниво на подготовка“ и дека е постигнат добар напредок во услугите за плаќање и борбата против перење пари и финансирање на тероризам. Се нагласува и дека Македонија се приклучи на географскиот опсег на шемите на Единствената европска платна зона (SEPA) во март 2025 година.

За слободата на движење на работници, се посочува дека Македонија е во рана фаза на подготовка за слободата на движење на работниците и не е постигнат никаков напредок во оваа област, а за Правото на основање и слобода на давање услуги дека е умерено подготвена и дека е постигнат ограничен напредок.

Во однос на Поглавје 6: Закон за трговски друштва, ЕК вели дека земјата има добро ниво на подготовка, но и дека не е постигнат напредок во текот на извештајниот период, а за Законот за интелектуална сопственост дека е умерено подготвена и дека не е постигнат напредок во текот на извештајниот период.

Слични оцени има и за поглавјата за Финансиски услуги (умерено подготвена и постигнат е одреден . потоа за Заштита на потрошувачите и здравјето (умерено подготвена и постигнат е одреден напредок) и тн.

Во овој дух се и оцените за Кластерот 3: Конкурентност и инклузивен раст, па за Поглавјето 10: Дигитална трансформација и медиуми, се вели дека земјата е умерено подготвена и постигнат е одреден , а за Економската и монетарна политика дека е помеѓу умерено и добро ниво на подготовка и постигнат е одреден напредок.: за Социјална политика и вработување дека е умерено,,,

За делот на претпријатијата и индустриска политика се вели дека е помеѓу умерено и добро ниво на подготовка, но не е постигнат напредок бидејќи препораките на Комисијата од минатата година не беа спроведени. Оттука, во наредната година, Македонија треба да го спроведе планот за консолидирање на институционалната структура и мандатите на јавните тела; да ја усвои стратегијата за развој на мали и средни претпријатија (МСП); и да ја зголеми подготвеноста за извоз и интеграцијата на компаниите во синџирите на снабдување преку засилување на напорите за спроведување на стратегијата за промоција на извозот; да го подобри процесот на консултации со претпријатијата за време на подготовката на мерките и да ги информира со доволно време за условите за имплементација.

За Наука и истражување се вели дека има добро ниво на подготовка и е постигнат добар напредок, а слично е и за Поглавјето 29: Царинска унија (добро ниво на подготовка и постигнат е добар напредок… (М.Ј.)