Владата на Словенија одлучи да ја признае Палестина

Два дена по Шпанија, Ирска и Норвешка, словенечката влада едногласно донесе одлука за признавање на Палестина како независна и суверена држава. Процедурата се сели во Народното собрание кое во вторник ќе одлучува за признавањето. Шефот на израелската дипломатија го повика лидерот на опозицијата, Јанез Јанша од СДС, да се обиде да го запре признавањето во собрание.
Владата на Роберт Голоб ги започна процедурите за признавање веќе на 9 мај, а денеска донесе одлука за признавање на Палестина како независна и суверена држава во границите од 1967 година, или во границите за кои би се договориле страните во идниот мировен договор.
„Оваа одлука има една порака, порака до двете страни, дека сакаме што поскоро и итен прекин на воените дејствија и дека сакаме што поскоро, итно и безусловно ослободување на заложниците“, рече премиерот Роберт Голоб. Тој рече дека Словенија свесно не сакала да се приклучи на трите земји земји, бидејќи сака да остане чесен посредник меѓу пропалестинските земји од една страна и произраелските земји од друга.