Владата конечно ќе преземе и други мерки: Ќе се намали акцизата за горивата

Според најавата на премиерот, акцизите за дизелот ќе се намалат за 4 денари за литар, а на бензините за 2 денари


Фото: Б. Грданоски

 

По две-три недели тврдење дека ситуацијата е под контрола со растот на цената на енергенсите и најавите дека се очекува оти ќе запре растот на цената на нафтата, премиерот Христијан Мицкоски денеска најави дека Владата конечно ќе преземе дополнителни мерки.

Тој најави дека биле исполнети условите за намалување на акцизите – за дизелот за 4 денари, а на бензините за 2 два денара по литар. За утре е закажана седница на Владата на која ќе се донесат овие мерки кои ќе треба да придонесат да се намали притисокот врз стандардот и да се олади инфлацијата.

„Берзата за нафтата се затвори во четвртокот заради велигденските празници и нашите калкулации покажуваат дека дизелот требаше да поскапи некаде околу 7 денари, а бензините 1,5 до два денара. Со промената на акцизите претпоставувам дека цената на дизелот во понеделник ќе се коригира за околу 3 денари“, рече мицкоски денеска на настан во општина Илинден.

Истекува и попустот што го дава „Окта“ од 3 денари за дизелот и Владата ќе преговара со компанијата дали ќе може да биде продолжено важењето на мерката. „Доколку ‘Окта’ го продолжи попустот од два денара за литар тоа значи дека ќе имаме повторно намалување за 2,5 денари на цената на бензините“, изјави Мицкоски.

Според него, намалената акциза ќе значи помалку десетици милиони евра во буџетот, но тој тврди дека во него има доволно средства.

„Ги враќаме старите долгови од претходната влада на СДСМ и ДУИ. Треба да вратиме стари долгови од 2,5 милијарди евра. Веќе е исплатена првата рата од 25 милиони евра за солидарниот данок, ќе се реализираат сите колективни договори што ги имаме потпишано, како и мерките за помош на граѓаните“, нагласи премиерот

Мерката за намалено ДДВ за горивата од 10 проценти ќе продолжи уште две недели, а за понатаму ќе се одлучува дополнително. 

Тој очекува инфлацијата во март да биде помеѓу 4 и 5 проценти. „Цениме дека овие први робустни чекори го даваат својот ефект. Министерството за финансии анализира за сите основни прехранбени производи кои се со 5 проценти ДДВ да ги намалиме на 0 проценти, но тоа е премалку во споредба со овие поголеми мерки кои ги преземаме“, рече Мицкоски.

И премиерот сега признава дека нѐ чека тешка година, иако претходно тврдеше дека Владата ја има ситуацијата под контрола.

„Мора да се подготвиме за тешка година. Треба да се помине овој период, а не да се брои приходот, профитот. Се подготвуваме за подолг и потежок период. И пред кризава планиравме некаде кон крајот на јуни да имаме рабаланс на Буџетот. Веќе се прават првичните анализи, очекувам во мај да биде подготвен и да ја помине владината процедура, во јуни да се даде на собраниска постапка и јули да го почнеме со ребалансираниот буџет, појасни Мицкоски.

Тој уверува дека имаме доволно нафтени деривати.

„Во моментов немаме никакви индиции дека би имало потреба на ограничување од аспект на волумен како што направија некои земји од ЕУ. Не само што тоа не го правиме туку голем дел од граѓаните од нашите соседи доаѓаат кај нас и ги полнат резервоарите со гориво. Зголемена е потрошувачката. Ако во првиот месец беше 10 проценти сега веќе е 15 проценти“, рече Мицкоски и додаде дека сега за сега нема потреба од вовдување на некои од препораките за штедење по примерот на ЕУ, бидејќи има доволно количини на горива.

Во продуктоводот Солун-Скопје има нафтени деривати за 60-на дена плус за 62 дена во стоковите резерви.

Европската унија се подготвува за продолжен енергетски шок предизвикан од војната на Блискиот Исток и ги разгледува сите опции, вклучително и рационализирање на горивото и активирање на дополнителна нафта од резервите за итни случаи, изјави комесарот за енергија на ЕУ. Комесарот Ден Јоргенсен за „Фајненшел тајмс“ предупреди дека Европа се соочува со долг период на нестабилност. „Ова ќе биде долга криза… цените на енергијата ќе останат многу високи многу долго време“, рече тој, додавајќи дека за некои „покритични“ производи „очекуваме да бидат уште полоши во наредните недели“.