Владата ќе си праќа свој судија во Стразбур, ја поништила листата на веќе кандидираните

Владата не ја прифатила предлог-листата со тројцата кандидати за судија во Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) – обвинителката Ленче Ристоска, судијката од Апелацискиот суд Габриела Гајдова и адвокатот Јордан Апостолски, со образложение – дека не ги исполнувале предвидените условите. Откако не ги прифатила кандидатите, Владата формирала нова комисија со нови членови кои ќе бираат нови кандидати за судија, потврдиле од Владата за „Слободен печат“.
Одлуката на Владата со новите членови на Комисијата е објавена во Службен весник на 25 јули и сега наместо девет, брои пет члена.Со новата одлука на Владата, членови на Комисијата се претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, претседателот на Врховниот суд, Африм Фидани, новата в.д. претседателка на Кривичниот суд, Даниела Димовска, претседателот на Основниот граѓански суд, Бесник Авдија, и директорката на Академијата за судии и јавно обвинители, Ирина Трајковска Стрезоски. Со оваа одлука престанува да важи мандатот на претходните членови, меѓу кои беше и уставниот судија Осман Кадриу, а имаше и претставници од Министерството за надворешни работи, од Министерството за правда, од правни факултети, од Судскиот совет и од Советот на јавни обвинители. Во новиот состав останува само новата директорка на Академијата, Трајковска – Стрезоски, за чиј избор има тужба пред Управниот суд.
Предлог-листата со кандидатите со месеци беше заглавена во Владата и се чекаше да биде ставена на дневен ред на владина седница. Сега се поставува прашањето – зошто листата не се испратила прво на мислење во Стразбур, како што е предвидено во одлуката за формирање на комисијата.
„Доставува предлог за избор на тројца кандидати за судија на Република Северна Македонија во Европскиот суд за човекови права до Владата на Република Северна Македонија на усвојување, по добиено мислење од страна на Меѓународниот советодавен панел на експерти на Совет на Европа“, пишува во одлуката, што значи дека Комисијата требало добиеното мислење да го достави прво до Советодавниот панел на експерти на Советот на Европа, па потоа до Владата.
Еден од тројцата кандидати требаше да го замени судијата Јован Илиевски кому му истекува мандатот на 1 февруари 2026, но сега новата комисија треба да информира за понатамошниот тек на постапката.