Владата ќе се задолжи 950 милиони евра кај банките за покривање на дефицитот, вели Битиќи


 

Поранешниот вицепремиер и актуелен пратеник на СДСМ, Фатмир Битиќи, вели дека Владата годинава ќе се задолжи 950 милиони евра кај комерцијалните банки за покривање на дефицитот. 

Осврнувајќи се на унгарскиот кредит и неговата намена, Битиќи синоќа во емисијата „Топ тема“ на Телма рече дека освен што станува збор за, како што рече, „корозивен капитал“, кредитот покрај финансиска цена, има и политичка цена која ќе ја видиме многу брзо.

„Ја гледаме со влегувањето на третиот оператор од Унгарија, како дел од политичкиот договор“, рече Битиќи додавајќи дека унгарскиот кредит е супститут на домашните пари.

„Влегуваат 250 милиони за финансирање на стопанството преку комерцијалните банки, т.е. преку Развојната банка, а при тоа Владата го крие моментот дека оваа година ќе се задолжи 950 милиони евра од комерцијалните банки за покривање на дефицитот“, рече Битиќи.

Тој посочи дека средствата од унгарскиот кредит за компаниите имаат само навидум ниска каматна стапка, која не е вистински во висина од 1,95 отсто, туку заедно со се кумулативната каматна стапка е 5,1 отсто.

„Колкава е цената, а колкав е ефектот? Ефектот нема да придонесе ништо во севкупниот економски раст затоа што 250 милиони евра нема да можат да се пласираат во 2025 година. А знаете зошто? Затоа што унгарските пари се потрошени. Затоа ја натеравте Развојата банка да се задолжи во Буџетот на државата како никогаш досега, затоа што парите се потрошени за покривање на буџетскиот дефицит“, рече Битиќи.