Владата ја поништи одлуката за спојување на концесиите за „Иловица“, Бектеши бил воздржан

Бектеши вели дека вчера на Владата имало плодна дебата со колегите министри, како и дека никогаш не е ставен било кој во заблуда кога се зборувало за концесијата на „Иловица“


 

Владата вчера ја поништила одлуката за спојување на концесиите на компанијата „Еуромакс ресоурцес“ за рудникот „Иловица“, донесена на 27 минатиот месец, со што целата постапка се враќа практично на состојба од 26 јуни. Одлуката била донесена едногласно, но при гласањето министерот за економија Крешник Бектеши апстинирал, односно не гласал.

Тој денеска на прес конференција рече дека како министерство ќе ја почитуваат владината одлука, но предупреди дека недонесувањето одлука носи зголемен ризик од арбитражна постапка и додаде дека постои полесен и побрз пат со кој ќе се спречи отворањето на рудникот кој наиде на голем отпор кај локалното население и кај еколошките друштва заради опасностите кои ги носи оваа инвестиција.

„Ова правно формално значи дека ние правно се враќаме таму каде што бевме на 26 јуни, односно не беше донесена ни негативна ни позитивна одлука“, рече Бектеши на прес-конференција на која беше сам, без вообичаените заеднички настапи со премиерот или со колеги министри.

Бектеши се најде на удар во медиумите откако минатиот месец на предлог на Министерството за економија, Владата донесе одлука со која се споија двете концесии за експлоатација на рудниот „Иловица“ кои ги има „Еуромакс“. Од министерството таквата предлог одлука беше образложена со одлука на Управниот суд со која на инвеститорот му беше вратена првата концесија, за која претходно Владата го раскинала договорот, и со одредби од Законот за минерални суровини кои овозможуваат спојување на концесии, доколку станува збор за иста фирма која што ги поседува и за наоѓалишта кои што се едно до друго, како што е и во случајот со „Иловица“. По седницата на 27 јуни, дел од министрите изјавија за медиумите дека практично биле доведени во заблуда од министерот Бектеши во однос на постапката за спојување на концесиите.

Тој рече дека вчера на Влада имало плодна дебата со колегите министри, како и дека никогаш не е ставен било кој во заблуда кога се зборувало за концесијата на „Иловица“.

„Очекувам и другите колеги да потврдат дека Министерството за економија не излажало, ниту измамило некого, ниту ставило некого во заблуда. Ние доставивме хронологија на настаните и што е одлучено од 2005 до денеска во предлог одлуката за спојување и образложение, тоа е доставено до Владата и не се менувало ниту информацијата ниту образложението. Ова е политичка Влада и се носат и политички одлуки“, рече Бектеши.

Тој рече дека како Министерство за економија смета дека е подобро да се донесе одлука, отколку да се има ситуација статус-кво.

„А која е подобрата одлука за интересот на граѓаните, тоа ќе го покаже времето и аргументите што секој може да ги презентира“, рече Бектеши, предупредувајќи дека состојба во која не се носат одлуки го зголемува ризикот од можни арбитражни постапки против државата.

Фото: Б. Грданоски

Тој додаде дека како министерство секако ќе ја спроведат одлуката за престанување на важење на претходната одлука и дека ќе се обиде „на секаков начин да најдеме правен простор оваа инвестиција да не се реализира“, иако, како што нагласи за тоа има полесен, побрз и поедноставен пат, освен ова што се прави како административна процедура.

„Има и суштински пат, а тоа го кажав кога ги наведов документите кои што треба да се достават од страна на концесионерот за добивање дозвола за експлоатација. Доволно е да добиеме документ од било која институција, па утредента Министерството за економија веднаш да предложи на Влада да се раскине договорот и тоа целосно за тој локалитет“, рече Бектеши, додавајќи дека со вчерашната одлука на некој начин се прави статус кво. „Но, тоа е добро и е прифатливо за нас како Министерството за економија бидејќи ние само ќе ги повториме процедурите кои што сме ги повториле претходно“, додаде министерот

Тој уште еднаш повтори дека непостапување на институциите е полошо отколку носење одлука.

„Нашите очекувања се дека ова како одлука ќе се спори од страна на концесионерот, но тоа е нивно право. Ние сме правна држава и како институција ќе направиме максимум за да ја браниме оваа одлука. Иако, мора да бидам многу транспарентен, имајќи ги во предвид и аргументите кои ги презентирав и можна правна разврска во иднина, бидејќи во арбитражни постапки Владата ја претставува државата. Ние како Министерство за економија апстиниравме при гласањето, но не излегуваме во јавност да кажеме дека нема да почитуваме бидејќи не сме убедени дека е вистинската одлука. Ќе направиме се што е во наша надлежност и во наша можност да ја браниме оваа одлука“, вели Бектеши.

Повикувајќи се на мислења на правници во Министерството за економија и надвор од Министерството, како и на адвокатски  куќи кои што се ангажирани од Владата и од Министерството за економија, произлегува дека вчерашната владина одлука не ја менува суштината, односно дека и по ова концесионерот „Еуромакс“ има сопственост и на двете концесии и ќе има право да го повтори барањето за спојување на концесиите.

„Согласно управната постапка државата уште ќе има концесионер, не на една концесија, туку на две концесии, со тоа што со одлуката на судот тие ќе имаат дополнително право во роковите за барање дозвола за експлоатација“, рече Бектеши.

Тој го образложи и предлогот на Министерството за економија дека најдобра опција, имајќи предвид дека се повикуваме на заштита на животна средина, тоа да биде главен аргумент против реализација на оваа инвестиција.

„Министерството за економија е на став да се донесе акт каде што ќе се утврди дека одредена потенцијална инвестиција е спротивна на стандардите за заштита на животната средина. Откако ќе се донесе таков акт или ќе се одбие или нема да се донесе решение кое ќе биде позитивно за заштита на животна средина, Министерството за економија веднаш ќе достави предлог за едностран раскин на договор“, рече Бектеши.

Неносењето никаква одлука, односно непостапувањето на институциите, е голем ризик за можна арбитражна постапка, смета тој.

Тој рече дека до сега, како Министерство за економија вооптшо не добиле негативно мислење со кое што ќе можат да ги оспорат концесиите, иако главен аргумент речиси на сите институции од 2016 година е дека оваа потенцијална инвестиција е спротивна на прописите за заштита на животна средина.

„Врз основа на кој акт, кога го немаме, Министерството за економија ќе донесе предлог-одлука за да го раскине договорот со инвеститорот“, праша реторички Бектеши. Посочувајќи дека постои цела лепеза можности за таков акт, може да биде од министерството за земјоделство, за транспорт, за животна средина …

Бектеши исто така рече дека тие како министерство ги подготвуваат сите документи врз основа на кои се носат одлуки.

„Дали Владата како колективно тело ќе ги прифати или не, тоа е право на владата и ние ќе ја почитуваме секоја одлука на владата како институција“, рече тој посочувајќи дека со оглед што веќе има пресуда од судот со која им се враќа првата концесија, роковите почнуваат од почеток бидејќи во меѓувреме компанијата немала можност да вади документи, како и дека кога почнува судска постапка институциите не можат постапуваат, во спротивно би се мешале во одлуките на судот.

Бектеши рече дека кога ќе се бара дозвола за експлоатација за втората концесија, Министерството ќе ја донесе истата одлука како и за првата концесија, а тоа ќе биде одбивање на барањето за дозвола за експлоатација поради некомплетна документација и следствено предлог одлука за едностран раскин на договор.

„Но, имајќи во предвид дека за иста таква постапка веќе имаме конечна одлука за првата концесија, можете да замислите која би била одлуката и за втората концесија“, рече Бектеши.

Тој исто така ги отфрли обвинувањата дека влијание врз предлогот за спојување на концесиите имало промената на акционерската структура кај инвеститорот, бидејќи, како што кажа, и во 2016 година и во 2018 година, кога биле доставени идентични барања за спојување од страна на Министерството за економија, компаниите не биле дел од таа фирма“.