Владата исплати субвенции само на половина од сточарите за да го смири гневот. Тој денеска се зголеми
Одгледувањето на овци е во колапс. Државата, владата и надлежното министерство немо гледаат како драматично се намалува сточниот фонд
БИТОЛА – Голем е револтот кај одгледувачите на овци кои вчера не зедоа субвенции по грло овца. Вчера имаше доплата од 1.400 денари по грло овца, бидејќи лани во декември овчарите зедоа само 600 денари по грло.
Вчера, дел од одгледувачите на овци зедоа пари, дел не. Исплатата беше кон 1.211 сточари.
Официјално, Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, објави дека изврши исплата на субвенциите за сточарите во износ од 335 милиони денари. Средства предвидени со мерката 2.9 од дополнителни директни плаќања, подмерката 2.8 каде се субвенционираат обележани грла овци постари од 12 месеци.
На 24 декември лани по – мерката 2.8 Директни плаќања за обележани женски грла овци постари од 12 месеци. Висината на директните плаќања беа 600 денари по грло. Со подмерката 2.8 лани беа исплатени 2.058 корисници.
Со проста математика, ако се одземат оние сточари кои лани во декември зеле дел од субвенциите (600 денари), со вчерашниот број на исплатени сточари, значи дека 847 сточари не зедоа пари?
Познавачите на состојбите во овчарството за „Независен“ велат дека најверојатно проблемот за неисплатени субвенции лежи во условот во кланица да испорачаат 50 отсто од јагнињата, пропорционално на бројот на овци. „Тоа значи ако еден сточар има 100 овци, во кланица треба да предаде 50 јагниња. Во спротивно ги губи субвенциите за грло овца. Бидејќи од официјалните податоци за исплатени субвенции лани во декември може да се види дека мерката која не е условена со предадено јагне во кланица ја зеле 2.058 сточари. Додека дополнителната која е условена со 50 проценти предадено јагне во кланица ја зеле 1.211 сточари“. вели нашиот соговорник.
Меѓутоа сточари кои разговараа со нас велат дека и покрај тоа што ги исполниле сите услови повторно немаат земено субвенции.
„Јас чував овци заклучно со 2024 година и сега ги продадов. Но сите услови ги исполнувам, не должам кон државата и пак немам пари на сметка. Имав 200 овци, во кланица предадов 370 јагниња, предадов 30 тони млеко и пак не ми исплатија субвенции по грло. Значи не е точно дека сточарите се проблемот. Половина од сточарите во Пелагонија, во Мариово не зедоа субвецнии. Не е точно дека во нив е грешката, грешката е во државата“, изјави за „Независен“ сточар која сакаше да остане анонимен.
МЗШВ вчера заедно со информацијата дека се исплатени субвенции по грло овца објави дека сите што не зеле субвенции да се обратат до Платежната агенција, па секој предмет ќе се разгледува од службите.
„Во однос на корисниците на кои не им се исплатени средства по основ на субвенции, информираме дека е потребно истите да се обратат до Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, со цел да се изврши детална проверка и разгледување на секој поединечен случај“, објави МЗШВ.
Сточарите вчера излегоа на предупредувачи протест пред Владата во Скопје и рекоа дека овчарството е во завршна фаза на колапс и дека државата им должи неверојатни 1,5 милијарди денари само за субвенциите за 2024 година. Претставници на Сојузот на одгледувачи на овци и Конфедерацијата на слободни синдикати (КСОМ) предупредија дека сточарството се соочува со колапс поради неисплатените субвенции.
„Државата нè заборави, иако Македонија историски била силна сточарска земја. Една година чекаме субвенции, а за некои гранки две години нема редовна исплата. Баравме средби и со премиерот и со претседателката, но одговор нема. Немаме работници, нема кој да чува стока. Ако не добиеме пари, на 26 декември сите сточари ќе излезат со тракторите во целата држава“, изјави Насер Џемаили.
Сега е неизвесно дали со половично исплатените сточари ќе следуваат протести како во Грција и блокади на повеќе локации низ државата.