Владата и банките се договориле за каматата на унгарскиот кредит, се преговара за рокот на отплата
Банките не прифатиле да го поделат товарот со Владата за компаниите, бидејќи го преземаат ризикот за евентуални лоши пласмани
Банките ќе им ги одобруваат на компаниите кредитите од унгарскиот заем со камата од 3,25 отсто, односно по истата стапка која што ќе ја плаќа државата кон унгарската Експорт импорт банка. Ова било договорено на последниот состанок што банките го имале со Министерството за финансии на кој останало отворено единствено прашањето за рокот на отплата на овие средства.
Од страна на Владата инсистираат кредитите да се отплаќаат во рок од 15 години со три години грејс период, додека процедурите и внатрешните политики на повеќето банки дозволуваат кредитирање со рок на отплата од седум до десет години.
„Ние се обидовме да направиме договор со банките со кој тој трошок барем да го поделиме, но тие сметаат, бидејќи го преземаат ризикот, каматата да ја покриеме комплетно ние. На крајот се согласивме, но она што е како отворено прашање, за што сѐ уште се разговара, е рокот на отплата“, изјави денес министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на средба со новинарите.
Тоа, всушност, значи дека Владата, односно Министерството за финансии парите од унгарскиот кредит во износ од 250 милиони евра наменети за компаниите, ќе ги префрли на Развојната банка, која пак, тие средства ќе ги стави на располагање на банките без камата. Тие пак, ќе ги одобруваат кредитите кон компаниите со камата од 3,25 отсто со која што ќе ги покријат сопствените трошоци, но исто така и ќе го сносат ризикот за евентуално лоши кредити.
Министерката Димитриеска-Кочоска појасни дека банките кон Развојната банка ќе треба да вратат 250 милиони евра, колку што всушност и ќе добијат, а Владата кон унгарската Експорт импорт банка ќе ги врати парите со камата од 3,25 отсто.
За новинарите беше спорен токму тој момент, бидејќи во суштина каматата за унгарскиот кредит ќе треба да ја платат граѓаните, преку даноците кои што ги плаќаат во Буџетот, додека банките ќе бидат покриени преку каматата што ќе ја пресметуваат кон компаниите, а фирмите пак, ќе добијат кредити под исклучително поволни услови.
Според Димитриеска-Кочоска ова не е прв пат да се спроведува ваков модел на субвенционирање и дека и во минатото, поточно од 2011 година имало многу кредитни линии кои што се поминати преку владата, односно преку Министерството за финансии, дадени на приватниот сектор каде што субвенционирањето било од страна на државата.
Како што посочи Димитриеска-Кочоска, разговорите со банките ги почнале уште во август и од тогаш до денес имале неколку состаноци.
„Пред две недели го постигнавме договорот во насока на дефинирање на каматната стапка и нејзиното субвенционирање од страна на државата“, рече таа.
Единственао, како што нагласи, останува отворено прашањето на рокот на отплата на кредитите кои ќе ги отплаќаат компаниите.
„Ние баравме рокот на отплата да биде 15 години, со вклучени три години грејс период, а согласно интерните процедури и политики на банките тие имаат рокови на отплата од седум до 10 години. Оставивме простор тука да видиме како ќе се договориме во насока на тоа дали може да го продолжат рокот за отплата на кредитите, затоа што целата суштина и учеството на државата во одобрување на кредитите е токму насочено кон тоа да им се одобрат кредити на приватниот сектор на подолг период. Сметаме дека компаниите така ќе се охрабрат уште повеќе кога ќе знаат дека во годината оптоварувањето е помало и ќе инвестираат. Тоа беше нашата идеја“, рече Димитриеска-Кочоска.
Објаснувањето на министерката за финансии доаѓа откако во средата премиерот Мицкоски изјави дека разговорите со банките за пласирањето на средствата од унгарскиот кредит за домашните компании не оделе како што очекувале во Владата.
„Веќе сме во преговори со банките како овој процес ќе функционира во пракса за да останат истите услови. Морам да кажам дека почетоците на овие преговори не се онакви какви што ние очекувавме, но тоа е што е. Ќе разговараме со банките па ќе видиме до каде ќе стигнеме. Но, во секој случај компаниите ќе ги имаат истите услови коишто ги имаше оној заем, односно 3,25 проценти камата, 3 години грејс период и период на отплата до 12 години“, рече Мицкоски.
Прашан дали банките бараат висока провизија, рече дека би се воздржал од коментар.
„Но, она кое што е важно е дека на крајот компаниите и стопанството мора да ги имаат истите услови коишто ние ги кажавме. Како ќе го изорганизираме сето тоа оставете ние да го испреговараме“, потенцира Мицкоски.
Средствата од унгарскиот кредит од половина милијарда евра веќе се легнати на сметката на Народната банка. Од нив, половина ќе бидат за компаниите, односно кредити за компаниите, останатите средства ќе бидат за капитални инвестиции, дел за општините, дел за централната Влада. Кредитот се зема со каматна стапка од 3,25 проценти со три години грејс период и 12 години рок на отплата (или вкупно 15 години).
Законот за унгарскиот кредит, што го договорија премиерот Христијан Мицкоски и унгарскиот премиер Виктор Орбан за време на учеството на Самитот на НАТО во Вашигтон, беше изгласан во Собранието на 17 септември годинава.