Владата го разреши Спасовски од Управата за извршување на санкции
Владата на Република Северна Македонија денеска ја одржа 119-та седница, на која меѓу другото беа донесени и кадровски одлуки.
Марјан Спасовски е разрешен од должноста директор на Управа за извршување на санкциите.
Исто така Владата ја именуваше Вангелија Велева за директорка на Педагошката служба, по претходно отворен јавен оглас на којшто Велева е единствен уредно пријавен кандидат.
Засега се уште не е објавено кој ќе го замени Спасовски на функцијата во УИС.
Премиерот Димитар Ковачевски уште вчера најави промена на споменатата кадровска позиција.
„Јас не сум задоволен од работата на директорот на Управата за извршување санкции при министерството за правда и почнав процес на селекција на нов директор на управата за извршување на санкции“, кажа Ковачевски.
Ова доаѓа откако тројца затворски полицајци и нивниот командир се осомничени дека му помогнале на затвореникот Беким Мемети да избега од затворот „Идризово“.
Мемети, кој бил во затвор за убиство и шверц на дрога, побегна ноќта меѓу четвртокот и петокот додека затворските службеници од КПУ „Идризово“ по автопат го возеле до комплексот клиники „Мајка Тереза“.