Владата го одобри францускиот предлог, во вторник прва меѓувладина конференција во Брисел
Премиерот Ковачевски денешниот ден го оцени како историски за иднината на Македонија. Уште еднаш повтори дека се заштитени јазикот, идентитетот и историјата

Откако Собранието ги усвои заклучоците Владата веднаш одржа седница на која донесе одлука за одобрување на предлогот на француското претседателство. За таа одлука премиерот Димитар Ковачевски информираше на прес-конференција по завршувањето на седницата, нагласувајќи дека со тоа отпочнува процесот на пристапни преговори на Македонија со Европската унија.
Тој соопшти дека првата меѓувладина конференција ќе се одржи веќе во вторник, на 19 јули, во Брисел. „На 19 јули во Брисел, отворачката изјава ќе ја читам на македонски јазик“, рече Ковачевски.
„Потоа, Европа ќе биде во Скопје, а Република Северна Македонија во Брисел, со полн капацитет, со пристап кон фондови, со пристап кон знаења, вистински принципи и најважно, вредности кон кои се стремиме и ги посакуваме. И сето тоа, врз идентитет, кој ќе се гледа континуирано во сите европски центри. Ве повикувам на заедништво, на верба, на позитивен пристап, на оптимизам“, рече Ковачевски.
Според него, со денешната владина седница „заокружуваме уште еден објективно историски чекор за нашата земја“.
„Денес отвораме нови перспективи за државата, нови можности за просперитет за граѓаните. Од овде, и од денес па натаму, одиме напред со забрзан чекор за да се приклучиме кон европското семејство во кое многу скоро и официјално ќе се чуе нашиот македонски јазик“, рече Ковачевски.
Тој посебно им се заблагодари на вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи Бујар Османи заедно со нивните тимови, одговарајќи на тој начин на жестоките критики на опозицијата, која особено нив двајца (заедно со премиерот) ги наведуваше за предавници на македонскиот народ. А Османи и дека работел за интересите на Албанија. Ковачевски рече дека тие имале исклучителна посветеност при зачувувањето и унапредувањето на државните позиции во целиот процес.
Тој нагласи дека македонскиот јазик е загарантиран и дека нема да се преговара за идентитетските прашања.
„Поради оваа посветена работа ние денес имаме преговарачка рамка во која македонскиот јазик и идентитет се зачувани, историските прашања се надвор од неа, а ние сме веќе на чекор од одржувањето на првата меѓувладина седница која ќе го означи почетокот на преговори на Северна Македонија со Европската унија“, рече тој.
Денес, заклучи тој, „велиме „да“ за зачувување и зацврстување на македонскиот идентитет, македонскиот јазик, култура, историско минато, засебност и посебност и дома и насекаде во светот“.
„Ние велиме ‘да’ за развој на заедничка, мултикултурна, мултиверска, за граѓанска држава, интегрирана рамо до рамо со најголемите нации и држави во светот. Уште еднаш, јасно и гласно, цврсто сигурно, во име на Владата, сакам да ве уверам дека во целиот долгорочен процес, никој не смее и нема, во кое било време и околности, да преговора за македонските идентитетски прашања. Тоа не се работи за кои се преговара“, потенцираше Ковачевски.
Во однос на Протоколот, Ковачевски соопшти дека министерот за надворешни работи е задолжен да ја информира Бугарија за заклучоците што денеска ги изгласа Собранието и најави дека медиумите во текот на денот детално ќе бидат информирани за целиот процес.
Министерот Бујар османи најави за вечерва во 19,30 часот брифинг со новинарите на кој се очекува да биде претставен и Протоколот кој веројатно ќе биде потпишан утре во Софија. (Н.В.)