Владата го објави третиот сет мерки – по 9.000 денари за 100 илјади граѓани, викенд без ДДВ, 20 отсто повисоки плати за лекарите што се бореа против Ковид -19


Со 355 милиони евра за 730 илјади корисници кои ќе се пласираат до граѓаните и стопанските капацитети преку Третиот сет мерки усвоен денеска, Владата најави нова фаза во борбата против последиците од корона кризата и премин кон развој на економијата. Мерките ќе придонесат за стимулирање на растот, домашната потрошувачка и на домашната понуда, како и поголема конкурентност на македонското стопанство во регионот и пошироко.

Заедно со претходните два сета мерки вкупната поддршка за граѓаните и за стопанството изнесува 550 милиони евра или 5,5 отсто од домашниот бруто-производ, рече премиерот Оливер Спасовски на прес-конференција во Владата.

Како благодарност кон здравствените работници кои беа во првите линии за одбрана од корона вирусот, Спасовски рече дека ќе добијат поголеми плати за 20 отсто за два месеци преку платежна картичкаа, а оваа мерка се однесува на сите вработени во инфективните клиники и одделенија, Клиниката за инфективни болести, вработените во Институтот за јавно здравје и за центрите за јавно здравје, како и за вработените во службите за итна медицинска помош.

Третиот сет мерки се потпира на три столба. Првиот столб се однесува на директна поддршка за граѓаните, преку стимулирање на потрошувачката. Во тие рамки, како што објасни Спасовски, преку платежна картичка 100 илјади граѓани ќе добијат по 9.000 денари со кои ќе можат да купуваат домашни производи и услуги.

Со ова мерка се зајакнува побарувачката за домашни производи и услуги и се намалува сивата економија, рече Спасовски,

Средствата ќе може да се искористат во рок од 30 дена и за оваа цел се наменети 16 милиони евра.

За стимулирање на домашниот туризам граѓаните ќе добијат ваучер од 6.000 денари и плус 3.000 денари преку платежната картичка. Оваа мерка е наменета за граѓаните кои имаат плата до 15 илјади денари и немаат дополнителни приходи, што ќе се докажува преку даночните пријави до УЈП.

Една од мерките се и средства за дообука и за развој на ИТ вештини, потоа ваучери до максимум 6.000 денари за партиципација во универзитетите, ваучери до 30 илјади денари за кофинансирање на обуки и тренинзи за развој на ИТ вештини и тн.

Се воведува и викенд без ДДВ за сите граѓани, со што, како што рече Спасовски, се очекува компаниите да остварат дополнителни 20 милиони евра.

Исто така, сите оние кои останале без работа од 11 март до 30 април, по разни основи ќе добиваат паричен надоместок.

Вториот столб на Третиот сет мерки се однесува на директна поддршка на компаниите и содржи бескаматни кредити преку Развојната банка. Во рамки на овој сет мерки Спасовски рече дека 31 милион евра се наменети за поддршка на жените и младите во бизнисот, за компании основани од млади и жени и кои се извозно ориентирани.

Преку државни гаранции во износ од 125 милиони евра ќе се помагаат изввозно ориентираните компании.

Спасовски наведе уште неколку мерки во рамките на вториот столб, како на пример, 25 милиони евра преку Развојната банка за зголемување на конкуренцијата за освојување на нови пазари и тн. Потоа 1 милион евра за креирање платформа преку која текстилците ќе можат да ги продават своите производи, за развој на стартапите 1,6 милиони евра и трансформација на Македонското село во стартап село, и тн.

Третиот столб од најновиот сет е наменет за развој на земјоделството, кој ќе изнесува 76,1 милион евра. Во рамките на овој столб, меѓу другото се предвидува поддршка од 5 милиони евра преку Развојната банка за микро, мали и средни компании од примарното производство, развој на извозот, потоа субвенционирање на зелената нафта од 50 отсто за земјоделците за што се наманети 4,6 милиони евра, стимулирање на производителите на грозје и на вино за производство на алкохолен дестилат и тн. (М.Ј.)