Владата ги утврди предлог-измените на Законот за АВМУ
Владата на денешната 149 седница го утврди текстот на Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
Како што соопшти владината Прес-служба, според образложението од предлагачот, Министерството за информатичко општество и администрација, со измените се усогласуваат одредби во Законот со законодавството на Европската Унија.
Министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу на вчерашниот брифинг најави дека во делот на медиумите првата фаза од измените на Законот за аудиовизуелни медиумски услуги е заокружена и ќе биде поставен на Е-Влада, со цел тие да се изгласаат што поскоро за да се испочитува зададениот рок – 31 мај годинава за да не се изгуби пристапот до фондовите од Креативна Европа.
Измените се однесуваат на финансиите за јавниот сервис МРТ и се прави анализа со којашто се планира да се намалат сегашните средства во износ од 1 процент за МРТ што се предвидени доколку не се загрозува Буџетот на државата. Сега се анализира да се најде решение, но нема да биде еден процент, посочи Алиу.
Според министерот, со законските измени ќе се понуди и решение за регулација на мултимедијалните содржини (текст, аудио, видео). Порталите во оваа фаза не се опфатени и ќе влезат во ново решение. Првичните размислувања се тие да имаат регистрирана фирма во државава, како и минимум еден вработен како директор и уште двајца за работен процес.
На почетокот на денешната владина седница, новоименуваниот државен правобранител Агрон Речи, пред премиерот и пред министрите во Владата, даде заклетва дека ќе работи совесно, чесно и одговорно, согласно Уставот и законите.