Владата ги троши парите од унгарскиот кредит за други намени, обвини Филипче
Македонската економија се движи во погрешна насока. Наместо напредок, сведоци сме на продлабочување на кризата, неконтролирано трошење, пад на инвестициите и намалување на животниот стандард, оцени лидерот на СДСМ

Лидерот на опозициската СДСМ, Вено Филипче денеска на прес конференција во седиштето на партијата оцени дека економијта во земјата се движи во погрешна насока, обвинувајќи ја Владата дека нема одговор за дивеењето на цените, стандардот на гараѓаните, ниту пак за капиталните инвестиции, индустриското производство и тн. Тој исто така обвини дека унгарскиот кредит наменет за компаниите се трошел за други намени, не прецизирајќи притоа за кои, и побара одговор од Владата дали парите кои до компаниите требаше да стигнат од унгарскиот кредит, всушност стигнуваат од Буџетот.
„Македонските компании требаше да добијат финансиска поддршка од унгарскиот кредит, меѓутоа за сега нема никакви податоци за негово ефикасно делење и спроведување, дотолку повеќе што до нас стигнуваат информации на кои сметаме дека Владата треба да одговори, а тоа е дека парите кои што беа наменети за компаниите од унгарскиот кредит практично се потрошени за друга намена“, рече на прес конференцијата Филипче.
Според него, затоа бил сменет и законот за работа на банките со кој што за прв пат на Македонската банка за развој ѝ се дозволува да се задолжи директно во Буџетот, а не кај меѓународни финансиски институции како што тоа беше до сега.
„Тоа значи дека компаниите кои ќе аплицираат за таков кредит со ниска каматна стапка, Владата ќе бара да ги задоволи директно од Буџетот и од други извори, а не од тој унгарски кредит, кој што требаше да биде наменет за таа работа. Ја прашувам Владаат дали навистина парите од унгарскиот кредит се потрошени или се трошат за друга намена, дека парите кои што до компаниите треба да стигнат преку Македонската банка за развој треба да стигнат од Буџетот и од други извори, а не од унгарскиот кредит и дали комерцијалните банки кои што сега даваат, практично со намалено темпо и динамика кон компаниите, треба да бидат понатаму субвенционирани од Владата повторно од друг извор, а не од унгарскиот кредит“, рече Филипче.
Осврнувајќи се на прес конференцијата за состојбите во економијата во изминатите девет месеци, тој рече дека во партијата направиле преглед на клучните економски фактори за тоа како стојат работите и како живеат граѓаните со новата влада и како не можат да врзат крај со крај и како тешко се излегува на крај со цените кои што дивеат во време на владеење на ВМРО-ДПМНЕ, како во маркетите, така и струјата која што поскапела најмалку 20 проценти.
Тој додаде дека бројките се факти и апсолутно укажуваат на вистинската состојба, наспроти она што го прави Владата, а тоа е создавање перцепција дека работите се добри.
„Македонската економија се движи во погрешна насока. Наместо напредок, сведоци сме на продлабочување на кризата, неконтролирано трошење, пад на инвестициите и намалување на животниот стандард“, оцени Филипче.
Во излагањето, тој меѓу другото рече дека во првите два месеци 2025 година реализацијата на капиталните инвестиции била само 2,43 проценти. За споредба во истиот период минатата година биле реализирани 12,1 процент.
„Инвестициите во инфраструктура и економски развој се целосно запрени. А, без капитални инвестиции нема економски раст“, рече Филипче оценувајќи дека Владата нема капацитет да исполни ниту едно ветување за модернизација и за развој, иако ова беа нивните главни ветувања, покрај другите.
Понатаму се осврна и на инфлацијата, односно на трошоците за живот кои во јануари 2025 беа поголеми за 4,9 проценти, а индексот на цени на мало порасна за 5,2 проценти. Потрошувачката кошничка во февруари 2025 година достигна 63.773 денари. За да преживее едно семејство потребни се три минимални плати, а во време на Владата на СДСМ две минимални плати, посоќи Филипче.
Според него, Владата не презема никакви чекори и мерки кои што имаат ефект, притоа премногу е суетна да ги прифати предлозите на СДСМ и кои што во минатото кога ги имплементирале имале ефект.
„Затоа граѓаните треба да знаат ако и утре се виски сметките, ако и утре цените неконтролирано растат, Владата нема намера да интервенира и тоа да го смени“, рече Филипче.
Тој исто така оцени дека платите стагнираат, а покачувањето на минималната плата е под знак прашалник, бидејќи практично функционирањето на Социјално економскиот совет во одредена смисла е блокирано.
Работниците и синдикатот бараат минимална плата од 450-500 евра, но Владата молчи. Социјалниот дијалог во таа смисла е целосно уништен и работниците се оставени сами без сигурност, а економската несигурност станува сѐ поголема“, рече Филипче додавајќи дека СДСМ ќе излезе со предлог и во овој дел, а тоа е зголемување на платите и во приватниот сектор при што еден дел од трошоците да ги покрие Владата.
„Се надевам дека Владата ќе го прифати овој закон, за разлика од другите кои што ги одби“, рече Филипче мислејќи притоа на предлозите за минималната и просечната плата, за намалувањето на ДДВ на основните прехранбени производи и за намалување на ДДВ за електричната енергија.
Тој посочи и дека индустриското производство опаѓа веќе четири месеци, што според него е јасен индикатор дека стопанството слабее. Така, како што рече, во декември 2024 година падот изнесувал 1,4 проценти, во ноември 3,5 проценти, во октомври 1,1 отсто, а во септември цели 7,9 проценти.
„Владата нема ниту за ова некаква стратегија нема поддршка на индустрискиот сектор, а знаеме дека без ваква поддршка и индустрија нема економски раст и развој“, рече Филипче.
Тој исто така предупреди на високиот јавен долг, при што рече дека во првите два месеци годинава, буџетскиот дефицит изнесува рекордни 7, 8 милијарди денари.
„Државата троши многу повеќе отколку што прибира пари и се создава опасен јаз помеѓу приходите и расходите кој што ќе мора да се покрива со нови задолжувања и ова е практично рецепт за финансиски колапс“, рече Филипче, додавајќи дека во тој контекст логично е што расте и јавниот долг кој сега е над 70 проценти од БДП. Владата притоа, како што рече, избегнува да ги објави точните бројки.
„Не работи бројчаникот, Министерството за финансии исто така молчи, граѓаните имаат право да знаат колку должиме и колку пари тие ќе треба да враќаат“, рече Филипче.
„Бројките го потврдуваат сето она што секој го чувствува, а тоа е дека Валдата ја уништува и не се грижи ниту за економијата, ниту за стандардот на граѓаните, ниту пак има воља да прифати некакви законски предлози кои што доаѓаат макар и од опозицијата со цел животот на граѓаните да се олесни. Состојбата сметам дека е крајно сериозна. Ние ќе продолжиме да предлагаме законски мерки, да се бориме и за државата и за граѓаните“, рече Филипче.