Пакет мерки на Владата: Парична поддршка за учениците, студентите, пензионерите, компаниите…
Со мерките се опфаќаат 120 илјади млади, 74 илјади социјално ранливи категории, 187 илјади пензионери, 40 илјади земјоделци, 600 илјади домаќинства, 70 илјади компании
Од 1 декември па во наредните шест месеци учениците во основното образование ќе добиваат по 1.200 денари месечно, а студентите по 1.800 денари, додека пензионерите со пензии до 14 илјади денари во наредните пет месеци ќе добиваат по 3 илјади денари, оние со пензија од 14 до 16 илјади денари по 2.000 денари, а со пензии од 16 до 19 илјади денари во следните пет месеци ќе имаат поддршка од 1.500 денари.
Ова се дел од новиот деветти пакет анти кризни мерки кој денес на прес-конференција во Владата го образложи премиерот Димитар Ковачевски. Тој рече дека мерките биле усогласени на денешната владина седница, како и дека целиот пакет е во вредност од 662 милиони евра.
„Овој пакет содржи 26 мерки за социјална сигурност, насочени кон таргетирана поддршка на ранливите категории граѓани и компании, како и поддршка за надминување потешкотии во услови на зголемени трошоци на живот, но и во услови на продолжени ефекти од енергетската криза“, рече Ковачевски.
Тој додаде дека со мерките се опфаќаат 120 илјади млади лица, над 74 илјади социјално ранливи категории на граѓани, над 187 илјади пензионери, 40 илјади земјоделци, речиси 540 илјади корисници на апликацијата Мој ДДВ, 600 илјади домаќинства, како и над 70 илјади компании.
Со системските мерки за 2023 година и 2024 година опфатени се над 338 илјади пензионери и 106 илјади вработени во администрацијата.
Средствата се обезбедени во Буџетот за 2023 година, како и во буџетот за наредната година.
„За мерките наменети за граѓаните, домаќинствата и земјоделците издвоени се 156 милиони евра“, рече Ковачевски, додавајќи дека во овој пакет мерки е обезбедена поддршка за зголемување на ученичкиот стандард, за основците и средношколците од ранливи категории на семејства со ниски примања до 50 илјади денари. Така, над 105 илјади ученици во основното образованите и средношколците во наредните шест месеци ќе добиваат по 1.200 денари односно 1.800 денари месечно за што од Буџетот за оваа финансиска поддршка ќе се издвојат вкупно 14,3 милиони евра.
Околу 15 илјади студенти кои живеат надвор од местото на студирање ќе добијат ваучер за превоз.
Студентите во наредните седум месеци месечно ќе добиваат ваучери во износ од 600 до 1.200 денари за што се предвидени 2 милиони евра.
Во наредните пет месеци по 2.000 денари месечно ќе добиваат корисниците на надоместок заради попреченост, самохрани родители, корисници на гарантиранана минимална помош и родители на деца со попреченост до 26 години. Со оваа мерка се опфатени 16.741 граѓанин со вкупна буџетска поддршка од 2,7 милиони евра.
Во наредните пет месеци пензионерите со пензии до 14 илјади денари ќе добиваат по 3 илјади денари месечно, оние со пензија од 14 до 16 илјади денари по 2.000 денари, а со пензии од 16 до 19 илјади денари во следните пет месеци ќе имаат поддршка од 1.500 денари.
За оваа поддршка се предвидени 35 милиони евра и се опфатени над 185 илјади пензионери
Следната мерка е за земјоделците. Со новиот пакет е предвидена авансна исплата на субвенции преку ИПАРД програмата и тоа за 40 илјади земјоделци кои имаат посеви со полјоделски и градинарски култури, лозови и овошни насади и кои се занимаваат со сточарство. За оваа мерка се предвидени 8,1 милион евра
Преку програмата за енергетска сиромаштија предвидени се над 1 милион евра за финансиска поддршка за над 5 илјади семејства.
Предвидени се 1,1 милион евра за околу 2.250 корисници за финансиска поддршка на домаќинствата за инвестиции во обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност.
Поточно, поддршка за фотонапонски панели до максимум 80 илјади денари, до најмногу 15 илјади денари за соларни системи и до 25 илјади денари за инсталација на ПВЦ.
„Продолжуваме и со мерката за субвенционирање на струјата со што продолжува 90 процентното субвенционирање на цената на струјата за 600 илјади домаќинства и 68 илјади мали потрошувачи за што процената е дека ќе бидат потребни 35 милиони евра. Ја субвенционираме и цената на топлинската енергија Парното за домаќинствата и компаниите за 63 илјади корисници во Скопје и оваа зима ќе биде обезбедена и субвенционирана за што се предвидени 7,4 милиони евра“, рече Ковачевски.
Тој додаде дека продолжува и финансиската поддршка за сметките за струја за домаќинствата со ниски приходи корисници на ГМП и социјална пензија за кои поддршката изнесува 1.200 денари месечно во наредните шест месеци. Со оваа мерка се опфатени над 50 илјади корисници со вкупен износ од 5,9 милиони евра.
„Обезбедени се средства за поврат на средства преку мерката Мој ДДВ за што предвидовме зголемен праг до 2.100 денари за секое тримесечје поединечно За оваа мерка се предвидени 42,2 милиони евра а ќе опфатиме речиси 540 илјади корисници“, рече Ковачевски.
Тој додаде дека е предвидено и законско решение со кое се ограничува затезната камата до висина на долгот, а воедно планирана е мерка со која се намалува висината на стапката на казнената камата за три процентни поени за граѓаните со низок доход.
Мерките за компаниите, меѓу другото опфаќаат поддршка на приватниот секор при што во овој пакет се предвидени 492 милиони евра.
„Во рамките на овие мерки предвидени се поволни заеми за мели и средни претпријатија во износ од 10 милиони евра, за инвестиции во проекти за енергетска ефикасност и обновливи извори преку издавање на зелена обврзница. Го прошируваме опсегот на компании корисници на гарантната шема на Гарантниот фонд на Развојната банка преку олеснување на критериумите за аплицирање за што се предвидени 39 милиони евра“, рече Ковачевски, нагласувајчи дека во соработка со ЕИБ е предидена поволна седма кредитна линија за зелена транзиција вредна 100 милиони евра за инвестиции за енергетска ефикасност и обновливи извори по принципот „еден плус еден“.
Премиерот исто така кажа дека во соработка со Француската агенција за развој,
предвидена е поволна кредитна линија во износ од 50 милиони евра, за поддршка
на женско претприемништво, дигитализација и проекти со што придонесуваат за
намалување на негативните ефекти од климатските промени и проекти со
позитивен придонес за животната средина.
Во соработка со Банката за развој на Советот на Европа, планирани се 50 милиони
евра за поволни заеми за мали и средни претпријатија создавање и зачувување на
работни места, поддршка на женско претпримеништво, за зелени инвестиции.
Министерот за финансии, Фатмир Бесими истакна дека мерките од деветтиот пакет антикризни мерки се предвидени во Буџетот за 2023 и во Предлог-буџетот за 2024 година и тие нема да се финансираат со задолжувања, туку преку приливи во буџетот од јавни давачи.
„Ова што денеска е презентирано е предвидено во рамки на Буџетот за 2023 и Предлог-буџетот за 2024 година, каде имаме неколку извори на финансирање, односно даночните приходи или финансирање преку задолжување. Овие мерки не се финансираат со кредитирање, затоа што буџетот како што е кроен во 2024 година, задолжувањето, односно дефицитот е понизок од капиталните расходи коишто се на ниво од 733 милиони евра, а дефицитот е на ниво од 545 милиони евра. Од тие 545 милиони евра, скоро 300 милиони евра се за плаќање на камати за вкупното задолжување во досегашниот период, истакна министерот Бесими и додаде дека ние дефакто ова ќе го финансираме од средствата што се приливи врз основа на јавни давачки од страна на граѓаните и стопанството со цел да се направи поддршка и редистрибуција на средствата за поддршка на најранливите категории граѓани и стопанството.