Владата е фашистичка, вели ВМРО-ДПМНЕ


За опозициската партија мерките со вакцинални сертификати биле „класично лудило“ и „класичен фашизам“

 

ВМРО-ДПМНЕ го стави во полна брзина нивниот отпор против мерките за намалување на инфекциите нарекувајќи ја Владата фашистичка, додавајќи ѝ на политичката борба досега невидени квалификации. Партијата ги нарече мерките „класично лудило“ и вели дека никој не смеел да им го ограничи на луѓето правото на движење.

„Мерките кои што ги воведуваат Зоран Заев и Венко Филипче се класичен фашизам. Никој не смее никому да ограничува право на движење и живеење. Новите мерки на Владата, народски кажано, се класично лудило – само вакцинираните смеат да живеат нормално, а оние кои што прележале корона вирус и имаат доволно антитела или пак оние кои што немаат примено вакцина, не смеат да живеат нормално како другите односно вакцинираните граѓани“, рече денеска порпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.

Партијата апелира граѓаните да се вакцинираат, „но не може по ниедна цена Заев и Филипче да ги дискриминираат и на еден фашизоиден начин да ги третираат оние луѓе кои што не се вакцинирани“. И дека „фашистичка Влада“ се движела кон нејзиниот крај.

Според ВМРО-ДПМНЕ, сите мерки што ги презела Владата од појавата на корона вирусот биле промашени и неефикасни. „Секој граѓанин во Република Македонија има право на избор и тоа право на избор не може и не само што не може, не смее да му го одземе ниту Зоран Заев ниту Венко Филипче“, рече Арсовски.

Од вчера во Франција почнаа да се применуваат слични мерки како што предлага македонската влада, па дури и поостри (не може да се пие кафе ни на терасите без вакцинален сертификат), а од петокот тој режим е во сила и во Италија. Според квалификациите на ВМРО-ДПМНЕ излегува дека и владите на Емануел Макрон и Марио Драги се фашистички.