Владата доби двајца нови министри и тројца заменици
Премиерот Зоран Заев верува дека новите решенија ќе донесат дополнителен импулс во ресорите во кои се избрани, но и воопшто во создавање подобро општество и задоволни граѓани. Опозицијата, пак, смета дека честите измени во владата се показател за лоша политика, но и немање соодветен кадар.
-Убеден сум дека кандидатите за нови министри во делот на финансиите и подобрувањето на инвестициската клима ќе бидат сериозно засилување на владиниот капацитет, посебно во овој неповторлив, драгоцен период за земјата која очекува интегрирање во ЕУ и НАТО, рече премиерот Зоран Заев, образложувајќи пред пратениците зошто ги предложил Нина Ангеловска и Хисен Џамаили за овие позиции.
Теоретски лажен популизам, во пракса лоша хазардерска политика, вака пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ги оценија новите предлози на Владата за министри во ресорите финансии и подобрување на инвестициската клима.
Според ВМРО-ДПМНЕ, лапсус на Заев е предлогот Нина Ангеловска да биде министер за финансии зашто таа на своите вработени, како што објавиле некои медиуми, им дава плата од 12.500 денари и тоа „на рака“, додека таа за себе земала 70.000 – 80.000.
Образложувајќи ги предлозите за избор на заменици министри – Кирил Колемишевски за економија, Елизабета Наумовска за образование и наука и Неџад Мехмедовиќ за заменик-министер во новото Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците, премиерот Заев рече дека станува збор за луѓе кои се образовани и со големо практично истуство, кои имаат голема желба и љубов од позиција на заменик-министер во соодветен ресор да помогнат во унапредување на состојбите во ресорите за кои се предлагаат, во услови кога во државата работите се придвижуваат напред.