Владата уверува дека дијалогот со синдикатите е во тек и ќе донесе решение


Владата останува на ставот дека усогласување на платите треба и ќе има, но во тој процес никако не смееме да заборавиме на моменталната ситуација, солидарноста и секако ефективноста на јавната администрација, се вели во владиното соопштение по средбата со Сојузот на синдикати на Македонија што се одржа попладнево.

Станува збор за продолжување на дијалогот помеѓу синдикатите и претставници на Владата за усогласување на платите во јавниот сектор со минималната плата.

Претставниците на синдикатите се сретнаа со заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Фатмир Битиќи, министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска и заменик-министерот за финансии, Филип Николоски.

Вицепремиерот Битиќи на почетокот на состанокот посочи дека дијалогот во никој случај не е прекинат, се вели во соопштенето.

На состанокот најавено беше дека ќе бидат формирани работни групи кои ќе работат на дефинирање на моделот за плати кој ќе осигурува раст на платите на долг рок но и методологија која ќе ја следи продуктивноста на вработените.

Инаку, претходно, претседателот на ССМ Дарко Димовски по двочасовната средба во Владата, рече дека е разочаран од разговорите со владините претставници, кои, како што посочи, имале одговор за се, само не за главното – за линеарно зголемување на платите за 2.806 денари.

Тој најави дека утре ќе заседаваат највисоките тела на ССМ и се очекува да биде донесена одлука за стапување во генерален штрајк.