Штрајкот на М-НАВ е одложен – авионите и денеска ќе летаат
Денеска нема да има прекин на полетувањата на авионите од 11 до 17 часот, од скопскиот и охрдискиот аеродром, како што беше најавено
Владата соопшти дека е постигната согласност да се работи на отворените прашања од страна на Струковиот синдикат на контролори на летање (ССКЛ) со што е овозможено авионскиот сообраќај да се одвива редовно.
Според Владата, согласноста е постигната на состанокот одржан во Министерството за транспорт и врски, со претставници од Синдикатот на М-НАВ (ССКЛ) и менаџментот на претпријатието за вршење на дејноста давање на услуги на воздухопловната навигација, М-НАВ АД Скопје, а во меѓу време продолжуваат координациите во ресорното Министерство со цел целосно реализирање на преземените обврски од двете страни.
-Владата смета дека потпишаниот колективен договор, одлуката за ангажирање консултантска фирма која професионално ќе изврши функционална анализа за подобрување на функционирањето на претпријатието и согласноста за подигнување на нивото на транспарентноста за сите прашања и изработка на студија што ќе ги даде идните правци за развој на претпријатието покажува дека низ функционален дијалог се можни решенија. Ваквиот одговорен пристап од сите страни е соодветен начин на решавање на отворените прашања во интерес на граѓаните и јавноста, наведува владината прес-служба.
Договорот за одложување на штрајкот е постигнат на средба што ја одржаа вчера попладне министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и раководствата на ССКЛ и на Македонска навигација М-НАВ.
Претседателот на ССКЛ Александар Тасевски за МИА изјави дека добиле уверување за исполнување на поставените барања, со гаранција за нивна реализација од министерот Бочварски.
– Постигнат е договор да се одложи штрајкот, барањата ги оценија како легитимни, а како гарант за нивната реализација стои министерот Бочварски и неговиот Кабинет. Договорено е да има постојана коодинација и средби во наредниот период за да се спроведат – изјави Тасевски.
Од Министерството за транспорт во соопштение информираа дека на средбата е постигнат договор за согласност за решавање на барањата кои беа отворени од страна на Струковиот синдикат на контролорите на летање во Македонска навигација.
-Го поздравуваме потпишувањето на колективниот договор и одлуката за ангажирање на консултантска фирма која професионално ќе изврши функционална анализа за подобрување на функционирањето на претпријатието. Продолжуваме со заеднички координации да работиме за целосно реализирање на превземените обврски од двете страни. Се согласивме да работиме на подигање на нивото на транспарентноста за сите прашања, се до изработката на студијата која ќе ги даде идните правци за развој на претпријатието.Со ова ја информираме јавноста дека штрајкот ќе биде одложен, со цел давање на простор за надминување на отворените прашања. Министерството за транспорт и врски заедно со менаџментот на М-НАВ стои на ставот за спроведување на барањата на синдикатот – стои во соопштението.
Средбата во Министерството за транспорт се одржа во пресрет на штрајкот што Синдикатот го најави за утре од 11 до 17 часот, во кој период требаше да бидат прекинати полетувањата и слетувањата на Меѓународниот аеродром Скопје и Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, а услугите за прелетите над македонското небо да бидат намалени за половина од редовните.
Откако Синдикатот го најави штрајкот поради, како што информираше, „непрофесионално однесување од директорите во однос на вработувањата и внатрешните прераспоредувања, несоодветните услови за работа и опрема“, од М-НАВ ги отфрлија тврдењата, завчера одржаа средба, но без позитивен исход, по што следуваше поканата за состанок во ресорното Министерство.
Клучните барања на Синдикатот се во однос на постапките за вработување, бараат да нема вработувања на друг кадар освен контролори на летање и инженери и техничари, се додека не се направи нова систематизација што ќе биде базирана врз резултатите од студијата што ќе ја подготви консултантска фирма за што се потребни пет до шест месеци.