Влада: Одлуката на Стразбур е во корист на државата


Одлуката на Судот во Стразбур е во корист на државата, а жалбите на апликантите во целост се прогласени за недозволени, вклучително и во делот за наводните помилувања – е првата реакција на одлуката на Судот за човекови права од страна на Владата.
 
 -Владата  ја поздравува денешната одлука на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) која е во полза на државата и потврдува дека жалбите на апликантите во целост се прогласени за недозволени вклучително и во делот за наводните помилувања.
 
Аргументите на Владата во однос на недозволеноста на апликациите се целосно уважени од страна на ЕСЧП. Спротивно на тврдењата на апликантите, ЕСЧП не утврдува прекршување на Европската конвенција за заштита на човековите права (ЕКЧП).

Одлуката која денес ја донесе ЕСЧП се однесува на 6 случаи поради кои пред Судот во Стразбур ја тужеа Република Северна Македонија со наводи за повреда на ЕКЧП по член 5 и член 6. Со одлуката, Судот смета дека жалбите на апликантите  се недозволени во принцип поради неискористување на домашните правни лекови.  

Како држава членка на Советот на Европа, Владата ја користи оваа прилика да ја повтори својата посветеност и кон владеењето на правото и кон  Европската конвенција за човекови права и вредностите кои ја поткрепуваат. Како држава која води преговори со ЕУ, со крајна цел полноправно членство на Северна Македонија во Унијата, посочуваме дека владеењето на правото е еден од највисоките приоритети.

Воедно, посочуваме дека Владата на Република Северна Македонија, во рамките на своите надлежности обезбедува поддршка за самостојно и независно функционирање на правосудниот систем. Во таа насока, со оглед на фактот што кривичните постапки на кои се однесуваат апликациите и оваа одлука на Судот во Стразбур се сѐ уште во тек пред домашните судови, Владата во овој момент нема да дава дополнителни коментари, како не би влијаела на понатамошните процеси.

Воедно, ја информираме јавноста дека официјален превод на сижето од одлуката ќе биде доставен до јавноста во форма на соопштение од страна на Бирото за застапување на Република Северна Македонија пред ЕСЧП, а ќе биде и прикачено на веб страницата на Владата во најбрз можен рок“, стои во реакцијата на Владата.