„Вкус што обединува“ – саем на македонска традиционална храна
![](https://nezavisen.mk/wp-content/uploads/2025/02/saem-na-tradicionalna-hrana.jpg)
Националната федерација на фармери денеска од 10 до 19 часот на првиот кат во ТЦ Скопје сити мол организира саем на македонска традиционална храна „Вкус што обединува“. Настанот е посветен на автентичните домашни вкусови и е поддршка на локалните производители.
-Љубителите на македонската кујна ќе имаат можност да уживаат во најразновидни домашни производи: лутеници, ајвар, природни сокови, путери, мармалади, маџун, мед, макала, преработки од зеленчук и овошје, вино и ракија. Ова е шанса да ги откриете богатите ароми и традиционалните рецепти што ги носат корените на нашите рурални заедници. Саемот не е само изложба, туку и порака за поддршка на домашното производство, поттик за еднаквост и интеграција, како и вистинска можност да дознаете повеќе за значењето на локалната храна, соопшти организаторот.
Саемот организиран од Националната федерација на фармери и Скопје сити мол е дел од манифестацијата „City Bazar“. Поддржан е од Шведска и организацијата „We Effect“ преку проектот „Организациски развој на НФФ и подобрени пазарни врски за малите фармери и производители од руралните области“.