Вкупно 87 дела од колекцијата на МСУ-Скопје ќе бидат изложени во Љубљана


Уметнички дела од колекцијата на Музејот на современата уметност во Скопје од денеска ќе бидат изложени во Модерна галерија + Музеј на современа уметност Метелкова во Љубљана, Словенија. Конципирана од 87 дела од колекцијата на МСУ, во најголем дел од македонски автори, изложбата е насловена „Ткаење светови: Колекции во разговор“ и ќе биде отворена десет месеци.

Борбата на птиците, Димче Коцо

Проектот е во рамките на програмата од национален интерес на Министерството за култура и туризам и конципирана е како реципроцитетна изложба. Куратори на изложбата се Ивана Васева, Благоја Варошанец, Ива Димовски и Владимир Јанчевски од МСУ – Скопје и Бојана Пишкур од Љубљана.

„Ткаење светови: Две колекции во разговор“ ја градат дела од 87 автори и тоа најмногу од нашата држава и од речиси сите поранешни југословенски републики, дополнети со дела од уметници од Бразил, Полска, Боливија, Судан, Уругвај, Албанија, Јапонија, Јужноафриканска Република, Иран, Куба, Шпанија и од Романија.

Изложбата е резултат на конструктивен дијалог помеѓу специфични колекции – колекцијата на солидарноста на МСУ-Скопје и колекцијата „Артист 2000+“ како и националната колекција на Модерна галерија, Љубљана.

Поставката ги истакнува само делата изработени од природни материјали, како и дела кои го одразуваат ангажманот на уметниците со природата. Таа се фокусира на еманципацијата на уметничките медиуми, истражувајќи го односот помеѓу културата и природата, додека критички се осврнува на горливите еколошки прашања од времето на Капиталоценот. Кураторите како појдовна точка го земаат антропоцентричното надвладување на природата под влијание на капиталистичките апетити кои ја искористиле природата речиси до последните капацитети.

 

-Потценувањето на важноста на релацијата човек – нечовек, култура – природа, нè доведе до досегашната асимилација и уништување на природата. Антропоценот или Капиталоценот сфатен како прекумерно влијание на човекот во природата под влијание на ексцесивните апетити на капиталот ја измени структурата на природата до ниво на речиси целосно исчезнување. Дали веќе експлоатацијата на природата и екстракцијата која нè води во катаклизма го бара назад спасот во сè уште преживеаните и драгоцени искуства на симбиозата на човекот со природата? Но, што е тоа што земјата, водата, отфрлените дрва, волната, живиот свет – вончовечкото – може да нè научат ако внимателно слушаме, т.е. ако не се поставиме како узурпатори, туку како соработници, како можност за етичко поврзување кое конституира мрежи на интерконекција со сите форми на живот?“, го објаснуваат кураторите својот концепт.

Отворањето на изложбата во Љубљана е закажано за 24 април во 20 часот и ќе трае до 8 февруари 2026 година. Наесен дел од колекциите на словенечкиот музеј ќе биде изложен во Скопје.