Вкупно 52 години казна затвор за убиството на ракометарот Тот

На обвинетите Анџело Ѓорѓиевски и Клементина Левковска им беше изречена казна затвор од по 18 години, додека, на обвинетиот Андреј Костовски 16 години

Судечкиот совет при Основниот кривичен суд Скопје денеска ги огласи за виновни обвинетите во случајот со убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот.

На обвинетите Анџело Ѓорѓиевски и Клементина Левковска им беше изречена казна затвор од по 18 години, додека, на обвинетиот Андреј Костовски 16 години за сторено кривично дело „убиство“.

Судскиот процес го води судијката Елена Илиевска Јосифови.

„Со овие казни судот смета дека во доволна мера ќе се влијае на обвинетите во иднина да не се јавуваат како сторители на кривични дела а воедно ќе се влијае и на планот на генералната превенција во смисла од член 32 од Кривичниот законик“, рече Илиевска Јосифови.

Таа во образложенито рече и дека обвинетите исто така се задолжуваат да платат на име судски паушал, секој од нив поединечно износ од по 20 илјади денари, како и солидарно да ги надоместат трошоците на кривичната постапка во вкупен износ од 320 илјади денари, плус трошоците за денешниот спровод на денешното рочиште. Сето ова во рок од 30 дена сметано од денот на правосилноста на пресудата.

Дополнително, судијката објасни и дека законскиот застапник на покојниот Денис Тот, неговиот татко Игор Тот предјави имотно правно барање, како и дека полномошникот на оштетеното семејство Тот го прецизираше предјавеното имотно правно барање и побара судот да ги задолжи обвинетите солидарно на секој од оштетените на име справедлив паричен надоместок во случај на блиско лице за смртта на нивниот син односно брат да им платат износ од по 9 милиони денари.
Во поткрепа на ваквото барање полномошникот предложи и пред судот беа изведени докази, вешти и мислења од вешто лице, за оштетените Игор Тото, Татјана Тот и Борис Тот од кои произлегува дека смртта на нивниот син, односно брат претставува интензивна психичка траума, особено стресен животен настан а со продолжена реакција во вид на душевно трпење до денес.
„Имајќи ги во предвид изготвените вештачења, судот најде дека имотно правното барање на законските застапници на сега покојниот Денис Тот е основано и во однос на побаруваните износи во целост го прифаќа онака како што е поставено за оштетените Игор Тот и Татјана Тот, а делумно за оштетениот Борис Тот“, рече судијката.

Оттука, судот ги задолжува обвинетите солидарно на секој од законските застапници на покојниот Денис Тот, мајката Татјана и таткото Игор да им го надоместат имотно правно барање, и на име нематеријална штета односно справедлив паричен надоместок за смрт на нивниот син да им платат износ од по 9 милиони денари, а на братот Борис Тото, солидарен износ од 8 милиони денари, сето ова во рок од шест месеци сметано од правосилноста на пресудата.

Во овој процес, Основното јавно обвинителство – Скопје ги гони обвинетите за кривично дело „убиство“ од член 123 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик. Согласно обвинителниот акт, обвинетите се товарат дека на 7 април, пред ноќен клуб во Градскиот парк во Скопје, заеднички го лишиле од живот оштетениот Денис Тот.

Во текот на доказната постапка, обвинетите, најпрво, изјавија дека не се чувствуваат виновни.

Обвинителството потоа изведе докази кои се однесуваа на обвинителниот акт. Се изведоа материјални докази помеѓу кои беа и видео-снимката од конкретниот настан, сведоштва на очевидци на настанот како и вешти лица од областа на судската медицина и психијатријата.

Одбраната во текот на доказната постапка, преку изведените докази и изјави за медиуми, алудираше на преквалификација на делото, бидејќи, според нив, во кривичното дело „убиство“ за кое се обвинети обвинетите, недостасува умислата. Тие, исто така, испрашуваа очевидци на настанот, како и вешти лица од областа на психијатријата и психологијата, а на нивен предлог сведочеа и лекарите кои го лекувале оштетениот Денис Тот по приемот на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување.

По завршувањето на доказната постапка, обвинителката Тања Трајчевска побара осудителна, додека, одбраната и обвинетите, ослободителна пресуда.

Изјава на адвокатите по изрекување на пресудата:

Адвокатите најавија жалба

Одбраната на обвинетите за убиство на хрватскиот ракометар Денис Тот најави жалба за пресудата со која на обвинетите Анџело Ѓорѓиевски и Клементина Левковска во Основниот кривичен суд Скопје денеска им беше изречена казна затвор од по 18 години, додека, на обвинетиот Андреј Костовски 16 години за сторено кривично дело „убиство“.

Адвокатот Еленко Миланов, бранител на обвинетиот Костовски рече дека ќе ја обжалат пресудата по однос на основата и висината.

Бранителот на обвинетата Левковска, адвокатот Емил Гугутчевски рече дека определената казна е превисока.

– Пресудата ќе биде обжалена во секој случај. Превисока е определената казна. Сметаме дека спрема нашата обвинета Клементина во никој случај не постои ова кривично дело убиство. Да, има преземено определени дејствија, удар. Меѓутоа, од нејзиниот удар нема настанато смрт во никој случај, рече тој.

Иле Танев, адвокат и бранител на обвинетиот Ѓорѓиевски, исто така, смета дека казната е превисока.

– Уште сега најавуваме жалба. Мислам дека пресудата е драконска, казната превисока. Мислам дека една трагедија не се решава со друга трагедија. Ова за нас претставува голема неправда, но, не можам да ви кажам на околности на кои ќе поднесеме жалба затоа што треба да ја добиеме во писмена форма. Веројатно ќе биде во делот на правната квалификација, како што најавивме уште од почетокот, рече тој.

Според него, не постои ни најмал сомнеж дека постои умисла кај обвинетите.

Обвинителката Тања Трајчевска, застапник на обвинението, рече дека ќе се воздржат од коментари до добивање на пресудата во писмена форма.

– Денеска ја слушнавме пресудата, сè додека не добиеме писмена форма на пресудата, ќе се воздржиме од коментари во однос на истата. Казната е во рамки на законски предвидената казна, така што, тоа е одлука на судот. Фактите правилно се оценети, рече таа.

Судечкиот совет на чело со судијката Елена Илиевска Јосифовиќ до правосилноста на пресудата ја продолжи мерката притвор на обвинетите.