Вистинските причини за бугарското вето
СПИРИДОН СФЕТАС
Каракачанов е како грчкиот политичар Панос Каменос од партијата Независни Грци и претставува екстремни бугарски ставови од 19. век, ја гради политичката кариера злоупотребувајќи национални прашања. Борисов, всушност, е заложник на министерот за одбрана
Ветото од Бугарија, Северна Македонија нема лесно да го заборави ветото од Бугарија. Нема да биде заборавено дека земјата која прва ја призна ПЈРМ како Република Македонија со бугарските услови, во најзначајниот момент го блокираше почетокот на пристапните преговори на Северна Македонија со Европска унија. Бугарија немаше проблем со терминот Македонија и Македонци, како во случајот со Грција – поради античкиот период- туку едноставно ги гледаше словенските Македонци како Бугари, променети од српската пропаганда на 19-от век и од комунистичката идеологија на Тито, кои сега би можеле да се вратат на бугарските корења. Поради нејзиниот национален романтизам не ги сфаќаше промените кои се случија и дека населението стекна еден друг идентитет.
Но и настојувањето на другата страна дека се работи за историска нација со потекло од античкото време (само таму се среќава терминот Македонија и Македонци) и јасната линија која ја постави меѓу грцизмот и славизмот, ги налути Грците. Прашањето од страна на Грција беше едноставно. Ако немаат врска со античките Македонци, ако не постоеше во Средниот век словенско племе со име Македонци, кое произлезе од мешањето на Словените и античките Македонци, ако не постоеше држава со терминот македонски или македонска држава, како тогаш го присвојуваат грчкото наследство? Спротивно со јасниот, директен судир кој го избра и го спроведе со сите сили тогаш Грција, Бугарија употребува една тактика на подмолно галење.
Целиот идентитетски проблем се состои во тоа дека не се работи за историска нација, туку за идентитет кој произлезе од грчко-бугарскиот и главно од бугарско-српскиот антагонизам и постепениот развој на локалниот идентитет Македонец во национален идентитет. Станува збор за еден долг процес, во чиј тек имаше зближување, но и отстапувања од бугарската и српската идеја.
Терминот Бугарин како синоним за Словените не треба да предизвикува отпор. Тој беше противтежа за терминот Ромеец на Византијците и општо против грчкото влијание поради православието и културата. Така, на Средниот век не треба да му се пристапува со термини на современа национална држава. Тогаш важеше императорската идеологија. А потеклото на императорите не беше битно. Така се решава прашањето за државата на Самоил, кој никогаш не се самоопредели како Македонец. Византиската Македонска династија нема никаква врска со античките Македонци, туку со нејзиното потекло од административниот регион Македонија, како што тогаш се нарекуваше регионот на Тракија. Со распаѓањето на првата бугарска држава во 1018 година денешната Северна Македонија стана византиски административен регион Бугарија, но сепак во Охридската архиепископија центар е Охрид со храмот „Света Софија“ и фреските на грчки јазик.
Во 14. век, со распаѓањето на територијалната институција византиски Теми, историската Македонија беше присвоена во српската држава на цар Душан. Кога таа држава се распадна (1335) од неа произлегоа српските хегемонии. Меѓу нив беше таа во Сер и една во Прилеп. Хегемоните Углеша и Вукашин (кои носеа титули на крал) безуспешно војуваа со Отоманите во битката кај реката Марица (1371) и ги имитираа античките Македонци во битката против новите Персијици, Отоманите. Од таму произлезе и терминот Македонец, како идентификувачки веќе за Словените, како доказ за храброст. Беше потребен еден христијански владетел, еднаков на храброста на Александар Велики, за да ги избрка новите Персијици, Отоманите. Така, синот на Вукашин, Крале Марко, доби легендарни димензии, а Душан од препишувачите на неговите ракописи, беше наречен цар на Македонците.
Кога во текот на 19. век започна словенското будење против грчкото влијание, тоа доби бугарски национални карактеристики. Во 1878 година беше основана бугарската држава меѓу Дунав и Балканскиот Полуостров со официјалниот јазик – дијалектот на Трново. Македонија (отоманските вилаети на Битола, Солун и Косово) останаа отомански провинции, а словенските македонски дијалекти останаа усмени и сиромашни. Тој јазичен сепаратизам не доведе веднаш до национален сепаратизам, но содржеше семе за една идна конфронтација. Целата бугарска надворешна политика сѐ до Втората светска војна беше фокусирана на македонското прашање и покрај нејзините порази и постепеното создавање на еден македонски сепаратизам како политички договор, свртен против Грците и Бугарите, кој започна со Мисирков во 1903 година.
На 1 март 1941 година бугарската влада на Филов се приклучи на Оската, обезбедувајќи ја Западната Тракија (освен Марица/Еврос) и источната Македонија како административен појас de jure. Пучот од 27 март 1941 во Југославија и германскиот напад на земјата значеа поголемо учество на Бугарија во Силите на Оската. Во тој нов поредок Германија ѝ го отстапи на Бугарија управувањето со најголемиот дел од некогашната српска Македонија, како и западните области. Но, на тие нови земји од окупираните Грција и Југославија, Бугарија им даде карактер на присвојување. Во источна Македонија и западна Тракија, дејствувајќи против грчкото население, таа од првиот момент примени политика на насилна бугаризација на сите нивоа. Во српската Македонија, спротивно од погоре наведеното, на почеток беше појавен еден пробугарски дух, но тој постепено губеше сила поради лошото бугарско управување и во периодот 1943/44, после создавањето на Комунистичката партија на Македонија и на Главниот штаб, започна координирана вооружена акција со веќе јасна разлика меѓу Македонци и Бугари. Создавањето на државата во 1944 година, кодификацијата на македонскиот литературен јазик врз основа на битолско-прилепскиот дијалект, тогашната реторика и практика за соединување на Македонија, на сметка на Грција и Бугарија, во името на „македонизмот“ (денес не постои) придонесоа за консолидација и развој на новиот македонски идентитет.
Не треба да оспорува фактот дека бугарската војска, против која се бореа партизаните во периодот 1943/44, од 9 септември 1944 година беше под советска управа и по наредба на Сталин учествуваше во советските операции за ослободување на Европа, за да добие статус на сојузничка војска. Посебно во Скопје, иако 4-та бугарска армија учествуваше во операциите за ослободување, Бугарите беа непожелни сојузници за партизаните и не учествуваа во парадата по ослободувањето. Белград беше ослободен од страна на советската војска.
Но дали беа доволни овие познати разлики меѓу Софија и Скопје за да ја одведат Бугарија до употреба на вето? Дали можеше да се решат во текот на важните пристапни преговори на Северна Македонија со ЕУ? Разликите на Бугарија со Северна Македонија за идентитетски прашања се познати веќе со години. Бугарија веќе со години ја подмолно ја галеше тогашната ПЈРМ, покажувајќи ја со прст Грција како единствената пречка на патот кон Европа. Сега, кога Грција ги реши на јасен начин спорните прашања и грчката бизнис активност забележа дополнителен раст, сега кога Северна Македонија се развива како продолжена рака на Грција, Бугарија завидува, страдајќи од романтизам и од синдромот на повторно поразена.
Друга работа се билатералните прашања, кои не се закана за територијалниот интегритет на Бугарија, како меѓу Турција и Грција, а друго е европската перспектива на Северна Македонија. Паралелно со започнувањето на долготрајните пристапни преговори, можеа да бидат дискутирани и разликите со Софија, на флексибилен начин. Бугарија не користеше реторика против европската преспектива на Северна Македонија/ПЈРМ. Во 2001 година ПЈРМ склучи Договор за асоцијација и стабилизација со ЕУ, во март 2020 Европскиот совет даде зелено светло за почеток на пристапните преговори, Заев ги доби изборите, а во октомври 2020 Европската комисија даде позитивно мислење. Тогаш како се објаснува бугарското вето, кое не беше конзистентна политика на закани со вето и кое ги изненади Европејците?
Причините треба да се побараат внатре во Бугарија, која со странска поддршка влезе во ЕУ во 2007 година и страда од корупција и сиромаштија. Владејачката партија ГЕРБ на Борисов се соочува со бран на големо незадоволство, а владата минатото летото ја преживеа интерпелацијата што ја поднесе опозицијата, бидејќи малата националистичката партија ВМРО на Красимир Каракачанов го поддржа Борисов, некогашниот телохранител на Живков. Каракачанов е како грчкиот политичар Панос Каменос од партијата Независни Грци (АНЕЛ) и претставува екстремни бугарски ставови од 19. век, ја гради политичката кариера злоупотребувајќи национални прашања. Борисов, всушност, е заложник на министерот за одбрана, на нехаризматичниот Каракачанов, кој нема потекло од Македонија (потекнува од градот Русе), но е неприкосновен во својот болен национализам. Истиот тој се обиде да влезе скришум во Грција на 28 октомври пред неколку години, не од Промахонас/Кулата, со цел да го подгрева бугаризмот во западна Македонија и предложи поставување на споменик за Гоце Делчев и во Грција. Делчев беше убиен во 1903 година во едно село во регионот на Се. Во 1943 во окупираната Грција бугарските окупаторски власти го лоцираа гробот и го ексхумираа, а во 1946 неговите останки беа дадени како подарок во Скопје. Главното прашање за неговото потекло се решава лесно преку фактите од 1903 година. Имаше национален идентитет Бугарин и локален идентитет Македонец. Куршумите на Каракачанов ја погодуваат посредно и Грција, Борисов молчи. Каракачанов и Борисов имаат добри релации со Турција.
Официјалниот бугарски став предизвика разочарување во Скопје, но и кај разумни бугарски политичари. Ги зголеми антибугарските чуства и го надгради значењето на Грција во јавното мислење. Заев изрази незадоволство, нагласувајќи сепак дека меѓу министерствата за надворешни работи на двете земји постојат канали на комуникација и дека ќе се најде решение. Тој повтори дека Северна Македонија не покренува малцински или територијални прашања во врска со Бугарија. Никола Димитров изјави дека ќе се најде начин да се промовира европскиот развој на земјата, во случај Бугарија да не го повлече ветото. Се надеваме дека на самитот во март 2021, по завршувањето на предизборниот период во Бугарија, ова прашање ќе биде решено.
(Спиридон Сфетас е професор по нова и современа балканска историја на Универзитет „Аристотел“ во Солун)