Вистинска животна среќа е да се соработува со најголемите: Интервју со Иван Кукиќ, басист

Мојот главен иструмент е бас гитарата, но во слободно време ги уживам сите инструменти што помалку ги познавам, па така на некој начин доаѓам до нови инспирации за нови песни и аранжмани затоа што секој инструмент има нешто лично свое да каже, само наша обврска е да го разбудиме тоа во него, вели за Независен, Иван Кукиќ


-Се радувам на нештата во животот што не се купуваат со пари, а тоа се токму тие соработки и дружби со најголемите кога седиме на иста маса и разговараме за нивниот и приватен и професионален живот, вели во интервјуто за „Независен“, Иван Кукиќ , басист и член на Влатко Стефановски трио, кој викендов во Скопје, го откривме како мултиталентиран музичар на промоцијата на деби албумот „Sunday Vibes“ , придружуван од струмичкиот бенд, во присуство на семејството, многу пријатели и медиуми. 

Како тоа што многу го посакуваш, може да ти се оствари, зошто најголемите се едноставни луѓе што целиот свој живот вистински го посветиле на музиката и уметноста, како изгледа проба со виртуозот на гитара Влатко Стефановски, по што ќе ја памети 2024, а што очекува во 2025, во продолжение на интервјуто.

Имате 26 години а веќе сте член на Влатко Стефановски трио и објавивте деби албум „Sunday Vibes“ под закрилата на „Кроација рекордс“ . Какво е чувството  да се свири и да се снима  со најголемите во регионот?

Никогаш не замислував дека некогаш ќе соработувам со главните ликови од моето детство. Чувството е прекрасно кога не си ни сонувал за вакви соработки и одеднаш се случуваат во краток период, па така во моментот на секоја ваква соработка сонуваш фантастично. Мене не ми се веруваше кога прв пат го видов маестро Влатко Стефановски на спротивната страна од сцената, едноставно никогаш не замислував дека тоа може да се случи еден ден. После одреден период почнав искрено да си посакувам невозможни соработки и се случија. Истото чувство се случи кога Дадо Топиќ го видов во моето студио во Струмица на снимањето на заедничката песна за мојот албум, кога добив покана од „Индекси“ да бидам дел од јубилејната турнеја “60 години Индекси” на која остваривме пет заеднички концерти во Љубљана, Загреб, Сараево, Белград и Скопје, кога неколку пати свирев бас гитара позади Раде Шербеџија и во последните пет години секое лето се дружиме на Бриони во Хрватска, кога сите соработки што сум ги побарал за мојот прв албум беа прифатени без размислување. Имам прекрасни соработки на албумот „Sunday Vibes“ и тоа текстови од Огнен Неделковски, Стефан Илиќ и Влатко Стефановски, музички соработки со Влатко Стефановски, Дадо Топиќ, Теодоси Спасов, Сакис Доволис, Група Јупитер, Јан Стефановски, Џамбо Агушев, Зоран Трендов и Ѓорги Ѓоргиев, насловната фотографија е дело на Георги Кончалиев, а магичниот звук е на мојот драг професор од Белград Борис Шурлан. Тоа е вистинската животна среќа за мене и мислам дека нема поубаво чувство од тоа да се соработува со најголемите, затоа што најголемите се едноставни луѓе што целиот свој живот вистински го посветиле на музиката и уметноста, а гледајки ја целата денешна ситуација за жал музиката е претворена во бизнис, но сепак постојат млади луѓе што ќе го следат вистинскиот пат на вистинските уметници што нивните дела ги слушаме после 40 години.

Свирите гитара, тапани, пијано, контрабас и народни инструменти, компонирате, аранжирате и пеете. Што ви е најубаво?

Секој инструмент си има своја убавина и придонес во еден музички состав. Мојот главен иструмент е бас гитарата, но во слободно време ги уживам сите инструменти што помалку ги познавам, па така на некој начин доаѓам до нови инспирации за нови песни и аранжмани затоа што секој инструмент има нешто лично свое да каже, само наша обврска е да го разбудиме тоа во него. Едноставно се е убаво на свој начин, а најубаво е кога ќе се склопат сите коцки од меѓусебен разговор на сите инструменти пренесувајки се преку ушите на продукцијата.

Како се случи соработката со Влатко Стефановски, а како со „Кроација рекордс“?

За соработката со Влатко Стефановски пак ќе се вратам на чувството на неверување. Прв пат бев на концерт на Влатко Стефановски Трио со татко ми во Струмица во 2008 година и имав само 11 години. Концертот беше во НУЦК “Антон Панов” во Струмица и тоа беше за мене чудо бидејки Влатко го гледав на компјутер и се трудев да ја отсвирам на гитара „Мамурни људи“ и „Јовано Јованке“. После 10 години се случи телефонскиот повик што ќе го паметам цел живот. Влатко се јави на татко ми и не покани сите заедно да одиме во Скопје да се запознаеме и да си ја земам бас гитарата со мене. Тоа за мене беше шок. Целата врска за соработката е преку наш заеднички пријател чичко Марјан од Струмица, кога бил кај Влатко му пуштил некое видео од мене со бас гитарата. После првата средба со Влатко јас бев во шок, тука го запознав и Јан Стефановски и имавме прилика тој ден да свириме малку заедно кај нив во студиото. Влатко ми кажа дека секако ќе се сретнеме, дали по една година или по пет, секако ќе се сретнеме пак. Јас искрено не верував дека повторно ќе се сретнеме но бев среќен што тој ден имав прилика да разменам неколку ноти со Влатко Стефановски. По една година Влатко  ме покани да бидам гостин на неговиот соло концерт во Нови Сад и тој беше нашиот прв заеднички настап и сѐ беше магично таа вечер. После тој настап почна нашата соработка, заедно со Јан станавме дел од Влатко Стефановски трио и веќе пет години имаме фантастична соработка со остварени над 140 концерти. Буквално Влатко и Јан ги гледам како дел од фамилијата, и односот ни е многу сличен на фамилијарна релација.

Соработката со “Кроација рекордс” се случи 2022 година во Загреб кога бев на турнејата со Индекси. Бев поканет на состанок преку Амир Бахтијаревиќ – БАБА Продукција и остваривме разговор со одговорните во “Кроација рекордс” па така после одреден период добив ексклузивен пет годишен договор за соработка и среќен сум што се случи тоа затоа што се работи за најголемата дискографска куќа во регионот што покрива широк аудиториум на промовирање на музичките материјали. Огромна чест и задоволство што сум дел од “Кроација рекордс”.

Дали веќе се навикнавте на неговиот обемен и значаен репертоар ?

Да, секако дека се навикнав, огромна е одговорноста да се свири материјалот на маестро Влатко. Секоја композиција носи нешто впечатливо што треба да биде на посебен начин интерпретирано и се разбира голема е одговорноста без разлика дали сум јас или друг музичар во триото, мислам дека секој треба да има одговорност кон тој материјал и никој не смее да го замати делото на Влатко Стефановски и „Леб и Сол“ што со години е репер за тоа како се прави квалитетна музика.

Како изгледа една ваша проба со Влатко Стефановски трио?

Пробата со Влатко Стефановски трио е вистинско уживање, како концерт без публика. Нормално ако имаме некоја дилема околу хармонија, форма или нешто друго околу материјалот, повторуваме неколку пати да легнат работите на право место.

Дали со таква набиена агенда, имате слободно време?

Секако дека наоѓам слободно време, но и тоа слободно време ретко го користам на патувања, затоа што реално многу патуваме со триото и своето слободно време најчесто го користам на дружба со пријателите во “Рекорд паб”  или во студиото во Струмица. А искрено и набиената агенда не ми претставува проблем, затоа што го работам тоа што го сакам и нема нешто поубаво од тоа работата да не биде терет, туку да биде вистинско уживање за еден човек.

Музичар сте по талент или зашто вашите родители Горан и Ленче Кукиќ се музичари?

Уште од кога знам за себе знаев дека ќе бидам музичар и никогаш не сум размислувал што би работел нешто друго во животот. Нормално дека покрај моите родители пораснав со музика, но никогаш немав било каков притисок од родителите дека јас морам да се занимавам со музика, се случи природно.

Вашите родители се познати во народната музика, а вие во поп-музиката. Што беше пресудно да засвирите бас-гитара?

Добрата музика е богатство, без разлика за која гранка станува збор. Јас покрај моите родители ја запознав и народната и поп-рок музиката бидејки моите родители покрај тоа што се познати по народната музика интерпретираат повеќе жанрови на едно високо квалитетно ниво. Јас никогаш не сум се определил само на еден музички жанр и секогаш сакам да интерпретирам се што е добра и квалитетна музика, без разлика што полека ме препознаваат во регионот како поп-рок изведувач. Rock and roll  начин на живот и размислување, па така јас и моите соработници од бендот го сакаме тоа и живееме таков живот.

Со бас гитарата се случи првиот контакт кога имав 12 години. Мојот чичко е фантастичен басист со еден посебен начин на интерпретација, па така дружејки се со бендот на татко ми “Јупитер” во кој мојот чичко Зоран Кукиќ свири бас гитара, на едно нивно снимање во студиото се случи една опасна бас линија и бидејки јас сакав да пробам на секој инструмент да свирам, го земав басот од чичко ми и се трудев некако да се приближам до тоа решение од снимката. Така полека почнав да вежбам на бас гитарата и се случи тоа што се случи. Можам да кажам дека го продолжив начинот на интерпретација на чичко ми само во една нова верзија.

Влатко Стефановски трио беше специјален гостин концертот на светската ѕвезда Стинг на концертот на 2 јуни, 2019 во Скопје/ Фото: Б. Грданоски

Кои музички лекции учите од родителите, маестро Стефановски и концертирањето со музички ѕвезди?

Како млад музичар научив и уште учам могу и музички, но и животни лекции и од моите родители и од сите соработници што поседуваат големо искуство позади себе. Се радувам на нештата во животот што не се купуваат со пари, а тоа се токму тие соработки и дружби со најголемите кога седиме на иста маса и разговараме за нивниот и приватен и професионален живот. Велат дека е полесно да учиш од грешките на другите, но и да се мотивираш да допреш до светот на славните, можам да споделам дека најголемите поминале и многу добри и многу лоши искуства во живот и мислам дека сите треба да го почувствуваме тешкиот пат, а сите лоши животни ситуации да ги примиме како добра лекција за да можеме да ја цениме секоја благосостојба што ќе ни се пружи во животот. После секоја бура доаѓа сонце.

Живеете, работите и студиравте на релација Струмица – Скопје – Белград. Која ви е крајната дестинација ?

Пред една година дипломирав на факултетот “Академија на уметностите” во Белград. Бев определен на “Музичка продукција и дизајн на звук”. Додека студирав постојано патувавме со Влатко Стефановски Трио и бев во една згужвана релација кон Белград, дури и дипломскиот труд го пишував во Врсар, Сплит, Требиње и Чачак затоа што имавме настапи со Триото, но што се сака сѐсе може. Сега сум во Струмица и искрено уживам и патувам секаде каде што треба да се стигне на настап. Денешното интервју го пишувам директно од Подгорица… 🙂

Имате ли музички идоли?

Нормално дека имам музички идоли, но не би набројувал затоа што искрено не сум застанал на едно место да се фокусирам во музиката и буквално секоја добра музика ми значи и не би правел никаква селекција на таа тема.

По што ќе ја паметите 2024?

Во секоја година имало и добри и лоши моменти, но јас лично лошите ги земам за лекција, а добрите ги паметам бидејќи само тоа останува во животот, па така и 2024 ќе ја паметам по многубројните настапи, новите пријателства и соработки и се разбира патувањата и дружбите со најблиските.

Што очекувате во 2025?

Не очекувам ништо посебно, посакувам на сите добро здравје, љубов, чиста мисла и позитивна енергија. Посакувајте искрено и се ќе си дојде на свое.