„Вистинита но не многу веројатна…“ на Влада Урошевиќ е  „Роман на годината“ (фото)

Наградата, чиј генерален покровител е „Комерцијална банка“ АД Скопје, се состои од плакета, оригинална статуетка и паричен износ од 150 илјада денари


Фото: Б. Грданоски

Романот  „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“ од академик Влада Урошевиќ (1934, Скопје)   ја доби наградата „Роман на годината“ за 2022, која што ја доделува  Фондацијата „Славко Јаневски“. Романот е во издание на  „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“  која го промовираше новиот, седми роман на Урошевиќ, во февруари, со истакнакнатиот театралог Јелена Лужина како автор на поговорот. 

Фото: Б. Грданоски

Триесет и пет романи беа во конкуренција за оваа престижна награда која во земјава се доделува по 24. пат, а годинава за неа одлучуваше жири-комисија во состав Симона Јованоска (претседателка), Гоце Ристовски, Илир Ајдини, Сашо Кокаланов и Катерина Богоева (претставник на Фондацијата). Во финалето, годинава, влегоа и романите „Папокот на светлината“ од Венко Андоновски („Три“), „Писмо за Глорија“ од Живко Грозданоски („Или или“) и „Столб што пее“ од Томислав Османли („ВиГ Зеница“) .

Фото: Б. Грданоски

„За да може еден роман да се носи со провокативноста на толку долг наслов, навистина мора да е врвно напишан. Овој наслов, што само го најавува патешествието на семејството Пустополски, претставува вистинско читателско уживање. Влада Урошевиќ во своето дело ја раскажува историјата на скопското семејство Пустополски, вешто ја вовлекува во приказната на еден толку ненаметлив начин, оставајќи го притоа читателот во пријатни чувства и задоволство по секоја прочитана страница, се вели во образложението на жири комисијата. Приказната вовлекува со својата ноншалантност, со одмереноста, импресивната фантазија и со сериозно изградените ликови по профил и тежина. Во овој роман има нешто „пркосно“, нешто кое ненадмено отскокнува од другите, а тоа го можат само најдобрите“, посочува жири комисијата. 

Фото: Б. Грданоски

Наградата, чиј генерален покровител е „Комерцијална банка“ АД Скопје, се состои од плакета, оригинална статуетка и паричен износ од 150 илјада денари.

-Чест ми е што ја добивам оваа награда што ја доделува Фондацијата „Славко Јаневски“, зашто со Славко имавме динамично пријателство- од жестоки караници до искрени дружења. Тој е еден од најомилените ликови во мојот живот и кариера. Романот го пишував две и пол години, со големи напори да го задржам темпото, да се пишува секој ден. Мојата опсесија со куќи е дамнешна и е поврзана со мојот живот. Во овој роман таа куќа е главната личност. Куќата во животот ми е нешто многу значајно. Сум живеал во бурни времиња и од седум куќи сум бил насилно иселуван. Разни војски ме иселувале насилно, а од седмата куќа насилно сум иселен поради земјотресот, и веројатно така се родила опсесија кај мене за една куќа која стои со векови цврсто на едно место и има некој свој живот кој го дели со нејзините жители, рече лауреатот на наградата, академик Влада Урошевиќ, денес на прес- конференцијата во Скопје, по повод врачувањето на наградата.

Фото: Б. Грданоски

Маја Стефкова-Штериева, главниот финансиски директор и член на управниот одбор на Комерцијална банка, денес, истакна дека е среќна што Комерцијална банка уште од 2017 година ја поддржува наградата „Роман на годината“ која слави извионредни дела и автори, и носи светлина, во секојдневната „темница“ со која се соочуваме дома и на глобален план. 

Фото: Б. Грданоски

Урошевиќ е еден од најпознатите македонски книжевни и културни дејци. Твори во речиси секој жанр и секоја форма: поезија, расказ, роман, есеј, патопис, книжевна и ликовна критика, книжевна теорија и превод.  За своите дела и преводи е добитник на многубројни награди и признанија: трипати на наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга на „Струшките вечери на поезијата“, двапати на наградата „Стале Попов“, двапати на наградата „Григор Прличев“ за најдобар препев. Освен домашните, носител е и на неколку странски признанија. За својот книжевен и преведувачки опус, пак, именуван е првин за витез на Редот на уметноста и литературата, а потоа и за офицер на истиот Ред од Владата на Република Франција.