Вината е во службениците, а не во пратениците – заменик-министерот Велковски за законот што го врати Сиљановска


Ѓоко Велковски

 

Не врз министрите, не врз Владата, не врз пратениците – туку заменик-министерот за социјална политика вината за законот за лиценците што не го потпиша претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја смести меѓу службениците во Министерството. Тие подготвиле закон што бил неуставен, можеби не намерно.

„Има точно определно име и презиме на службеници во Министерството за социјална политика, демографија и млади што ги направиле измените на членовите во Законот за заштита на децата. И министерот за брзо време ќе треба да даде објаснување кој го направил тоа, но и да покрене постапка зошто неуставно биле направени овие измени во делот на употребата на Законот за јазици“, изјави заменик-министерот Ѓоко Велковски синоќа за Сител, практично одредувајќи му задача на неговиот надреден – министерот Фатмир Лимани.

На прашањето дали смета дека тие измени биле намерно направени, Велковски рече дека не верува оти службеник во самото министерство намерно направил такво нешто, туку дека се работи за недоволно познавање на некои уставни одредби и на употребата на законот за јазиците.

Велковски беше прашан како е можно закон да поминал низ толку инстиотуиции – Министерството, Владата и најпосле Собранието (каде беше изгласан по брза постапка) а никој да не забележи дека некои негови членови се спротивни на уставот. Велковски вината ја префрли врз администрацијата, која била осиромашена од професионален кадар во сите тие институции. Тој не спомена дека можеби политиката влијаела врз „професионализмот“ на администрацијата.