Вилите на Том Хенкс и на Стивен Спилберг во Лос Анџелес го избегнаа пожарот
Лос Анџелес – Куќите на оскаровецот Том Хенкс во Лос Анџелес и на славниот режисер Стивен Спилберг, според американските медиуми – „за чудо“, сè уште постојат. Вилата вредна 26 милиони долари, што 68-годишниот глумец и неговата сопруга Рита Вилсон ја купија во 2010 година, „за влакно“ го избегна пожарот и остана недопрена. Според наводите, огнената стихија буквално застанала пред нивниот двор.
И, додека домот на Хенкс со четири спални соби – „преживеа“, хациендата над неговото место е речиси целосно уништена, пишува „Пејџ сикс“ (Page Six).
Том и Рита сѐ уште не се огласиле во јавноста за пожарот, но најверојатно се евакуирани.
Синот на холивудската двојка, Чет Хенкс претходно се огласи на интернет-просторот.
„Населбата каде што пораснав сега буквално гори до темел. Молете се за Палисадес“, напиша тој.
Многумина од познатите личности ја немале среќата на Хенкс. Вилата на глумецот Адам Броди и неговата сопруга Лејтон Мистер изгоре, а чини 6,5 милиони долари. Парис Хилтон, исто така, потврди дека изгорела и нејзината куќа на плажа во Малибу.
Во областа на Лос Анџелес горат неколку големи пожари, повеќето сѐ уште вон контрола. Неколку десетици илјади луѓе се евакуирани, а околу 10.000 објекти уништени. Властите потврдија најмалку 10 смртни случаи, но предупредуваат дека вистинскиот број на жртви може да е поголем. Материјалната штета се проценува на 150 милијарди долари.