Потребен е нов пристап за привлекување странски инвеститори, вели Виктор Мизо


 

Генералниот менаџер на „Костал Македонија“, Виктор Мизо, смета дека не е потребно само креирање нова стратегија, туку и генерирање нов пристап на размислување за тоа што треба и како треба да се направи за да се привлечат нови странски инвеститори во нашата земја, бидејќи ние сме мала држава, која денес има многу ограничени ресурси.

„Пред 15 години компаниите не беа толку ограничени, иако бевме мала држава; невработеноста е на многу различно ниво отколку што беше тогаш; луѓето се иселуваат, така што апсорпциската моќ за привлекување трудоинтензивни компании веќе не постои и треба да се направи детално мапирање од кои сектори, од кои индустрии и каков вид на компании сакаме да привлечеме. Големата концентрација на автомобилската индустрија не е добра за државата бидејќи автомобилската индустрија од 2019 година е во криза, која ќе продолжи и натаму. Затоа мора да се размислува за тоа како компаниите кои се веќе присутни кај нас да направат промена во своите активности и наместо трудоинтензивни да станат капитално интензивни компании со зголемена додадена вредност и да успеваат со истите ресурси и со помал број луѓе, но со развиена технологија, автоматизација, роботика и дигитализација, што не е лесен процес“, изјави Мизо во поткастот „Бизнис-клуб“ со претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески.

Мизо е и претседател на Советот за странски инвеститори и на Асоцијацијата на странски компании со технолошко напредно производство, тела при Стопанската комора.

Во поткастот изнесува податоци за својот личен и професионален живот. Дипломирал и магистрирал на Машинскиот факултет на Институтот за технологија во Рочестер, САД, додека втората магистратура за бизнис и администрација ја стекнал на Бизнис школата на Универзитетот „Харвард“ во Бостон, САД. За Универзитетот „Харвард“ вели дека во него е пресликан американскиот капитализам, каде што практично се учи преку студии на случај од бизнисот.