Викендот на гордоста се отвора со изложба на полскиот уметник Карол Раѓишевски


Единаесеттото издание на Викендот на гордоста Скопје се отвора на 1 јуни во 20:30 часот во МСУ, со изложбата „Сеќавајќи се на иднините“ (Remembering Futures) на познатиот уметник Карол Раѓишевски. Фестивалот ќе трае од 1 до 13 јуни во Музејот на современа уметност, МКЦ и КСП „Центар-Јадро“, а овогодишниот тематски фокус е КВИР-ХРОНОПОЛИТИКИ: Историја, афекти, утопии. Проблемите што ќе ги адресира годинашното издание тргнуваат од мноштвото квир-теории и историографии што го ставаат прашањето на времето и историјата во центарот на своите иследувања.

Карол Раѓишевски (1980, Полска) работи со филм, фотографија, инсталација, сликање и создава интердисциплинарни проекти. Методологијата, заснована на архиви, испресечува многубројни културни, религиозни, општествени и родови референции. Од 2005 година е издавач и главен и одговорен уредник на фагазинот ДИК, а во 2015 година го основа и Институтот за квир-архиви. Користи уникатни алатки при уредувањето на материјалите, при што комбинира факти со фантазија, компонира документи од парчиња сеќавања; нè насочува во поинаква насока за да прикаже алтернативни траги на сеќавањата. Не само што ги открива индивидуалните искуства туку и ги документира и историите на заедниците, при што не се ограничува единствено на Полска.

Неговите дела се поставувани во институции како што се Музејот на модерна уметност, Националната галерија за уметност Захета, Националната галерија за уметност, Центарот за современа уметност Замокот Ујаздовски, Варшава; Галеријата Вајтчепл, Лондон; Кунстхале Виена, Виена, Њу мјузиум, Њујорк; Видео Бразил, Сао Пауло; Музејот за фотографска уметност во Токио; Музејот за современа уметност Метелкова, Љубљана; Современиот музеј во Вроцлав и Музејот Штуки во Лоѓ. Учествувал во неколку меѓународни биеналиња, вклучително и ПЕРФОРМА 13, Њујорк; 7. Биенале во Гетеборг; 4. Биенале во Прага и 14. Балтичко триенале. Неговите филмови се прикажувани на Меѓународниот филмски фестивал Њу хорајзн на Т-мобиле, Вроцлав (2014, 2012); Филмскиот фестивал во Варшава (2022, 2019, 2013); ЛГБТИК+ филмскиот фестивал во Лондон БФИ Флер (2014) и Меѓународниот фестивал на кратки филмови Оберхаузен (2011); меѓу другите. Во 2021 година, „Стернберг прес“ ја издаде книгата „Моќта на тајните“ посветена на архивирањето на Раѓишевски.

Со оглед на широкиот обем на неговите уметнички практики, ќе бидат поставени и два филма на Раѓишевски. Првиот е „Кишеленд“ (Kiseiland, 2012), документарец на кој е прикажана средбата со Ришард Кишел, личноста зад првиот источноцентрален европски гејзин, „Фило“. Во заднината на филмот е скриената архива на Кишел, сочинета од дванаесетина слајдови во боја, фотосесии на Кишел и неговите пријатели во приватен стан. Вториот филм е „Мојот драг пријател од Советскиот Сојуз“ (Mon chéri Soviétique, 2021), филм направен од стотици фотографии во кои се раскажува приказната за последните советски војници кои ја напуштиле Полска во деведесеттите години на 20 век. Во фокусот на делото е фигурата на војникот – кој не се бори на воениот фронт, туку ја соблекува униформата пред камерата. Авторот на филмот ги надополнува фотографиите од минатото со современ филмски материјал во кој тој одигрува настани од минатото.