Викенд


ЛЕЈЛА САБИТ

Работата ја делиме со сите, ама викендот е само наш, интимно, скапоцено време, кое го криеме од очите на јавноста.

Сами, во двојка, во друштво, со семејството, со пријателите, со познати или со непознати, во природа, дома, во кревет пред ТВ или со книга, пеш, со кола или на велосипед.

За некој викенд е секој ден, за некого два дена, некој ужива во продолжен викенд, два пати годишно или само на одмор, а некој заглавува во работен викенд.

Тенка е линијата како го трошите викендот, некогаш ни е премалку, некогаш премногу, ама никогаш доста.

За време на викенд ја почитуваме тишината, се соочуваме сами со себе, размислуваме што поминавме, и што не чека, одиме само на скриени места, како во песната на Тоше.

За викенд знаеме да уживаме до сабајле, да јадеме и пиеме од мерак, слушаме гласна музика, за инает да видиме и да бидеме видени на кафе, и не сакаме да си одиме дома.

Или се опуштаме или премногу си даваме на значење, или сме во пижами, или во тренерки или во облека по последна мода.

Штедиме или трошиме, си велиме баш ми е гајле или пак размислуваме што ќе кажат комшиите и другите.

Во Скопје веќе нема да се случува Моден викенд, летото е променливо како нашиот карактер ,  и не размислуваме за одмор покрај море.

Има ли поубав викенд!