Викенд


Некој дише чист, некој планински, некој морски, а некој моден воздух.

Зависи што ви треба, што ви прави ќеф, и без што не можете да живеете.

Работата ја делиме со сите, ама викендот е само наш, интимно, скапоцено време, кое го криеме од очите на јавноста.

Сами, во двојка, во друштво, со семејството, со пријателите, со познати или со непознати, во природа, на брод, на гала-настан, во кревет пред ТВ или со книга, пеш, со кола или на велосипед.

За некој викенд е секој ден, за некого два дена, некој ужива во продолжен викенд, два пати годишно или само на одмор, а некој заглавува во работен викенд.

Тенка е линијата како го трошите викендот, некогаш ни е премалку, некогаш премногу, ама никогаш доста.

За време на викенд ја почитуваме тишината, се соочуваме сами со себе, размислуваме што поминавме, и што не чека, одиме само на скриени места, како во песната на Тоше.

За викенд знаеме да не стануваме, а веќе пладне е, да јадеме и да го пиеме кафето на раат, без брзање, да се посветиме на семејството и на домашните миленици, на нашето хоби, или да излеземе, да талкаме на дожд или на сонце, онака или со мислите.

Или се опуштаме или премногу си даваме на значење, или сме во пижами, или во тренерки или во облека по последна мода.

Штедиме или трошиме, си велиме баш ми е гајле или пак размислуваме што ќе кажат комшиите и другите.

Во Скопје, Битола и во Штип се случува Моден викенд, малку дожд, малку сонце, и веќе размислуваме каде за Нова година.

Има ли поубав викенд!