(ВИДЕО) Вархеи: Да не драматизираме, проблемот со Бугарија не е нерешлив


Премиерот Зоран Заев денес ги прими директно од еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи извештајот за Македонија и новиот Економски и инвестициски план на ЕУ за регионот на Западен Балкан, кој тежи 9 милијарди.

-Целиот пакет документи се придонес кон создавање амбиент за силен политички момент  за конечен исчекор во европската агенда на нашата земја со кој ќе отпочне преговарачкиот процес за влегување во нова повисока фаза, членство на нашата земја во Унијата, рече Заев. Извештајот според него дава јасна слика за состојбата со реформите во Македонија. Од него може да се заклучи дека земјата е на добар пат и треба да продолжи со имплементација на донесените закони и постоечки механизми. Тој го издвои, потоа, како што оцени, исклучително важниот Економски и инвестициски план за кој Вархеи има најголема заслуга, а е од голема важност како поддршка за развојот на приватниот сектор, за транспортот, дигитализацијата, енергетските проекти, зелената енергија и социјалниот развој, што го нарече исполнување на сонот и вистинска мотивација да се испорачаат уште поголеми резултати, бидејќи со него се испраќа силна поддршка за европската перспектива на регионот.

-Благодарни сме што многу важни проекти за Македонија ќе бидат поддржани и одобрени токму со овој план, рече Заев заклучувајќи дека заедно со поддршката за пандемијата, солидарностра на ЕУ е на дело.

-Ќе ви возвратиме со работа, со резултат и со европеизација на Северна Република Македонија, рече Заев.

Вархеи го опиша како трета ногарка на столчето Економскиот и инвестицискиот план кој според него треба да помогне да го фатиме и економски чекорот со ЕУ, покрај напорите да се продолжи проширувањето и да почнат преговорите за членство со нас.

-Ова е понуда за вашата земја што треба да се спроведе по брза постапка. Ги избравме флексибилните иницијативи кои најдобро покажуваат кои се заедничките приоритети  кои можат брзо да придонесат за менување на пејсажот во регионот и за подобрување на условите за живот. Треба да видиме дека работата на терен се одвива многу бргу во однос на борбата против корупцијата, јавното обвинителство и судството,потребно е да видиме резултати  за да ја презентираме вашата посветеност  пред другите земји членки. Со планот треба да ги поврземе сите главни градови во регионот, да ве поврземе и со широкопојасен интернет, да го направиме вашиот енергетски систем многу посигурен и да ја зголемиме расположливоста на енергетските ресурси. Сите тие проекти може да помогнат да ги намалите емисиите за 60 отсто и наедно да го намалите смогот со кој се соочени во градовите. Како што гледате планот е оригинален и ние сме подготвени да работиме на него, рече Вархеи.

Тој го спомна и вклучувањето на ромската заедница на пазарот на трудот, како и другите млади така што ќе се спречи одливот на мозоци.

Запрашан дали ЕУ ќе посредува во спорот меѓу Македонија и Бугарија, Вархеи рече дека во интерес на двете земји е да најдат решение на овие прашања.

-Без да се разјаснат овие недоразбирања ќе биде многу тешко да се придвижат работите. Ова е момент да се постигне договор.Гледам посветеност од страна на премиерот Заев и од премиерот Борисов  и се надевам дека ќе успејат да најдат решение.н Колку што знам тие работат на тоа. Ние ќе направеиме што можеме да го помогнеме процесот. Не би драматизирал премногу околу прашањето, не е невозможно да се најде решение, но сепак е сериозно прашање, рече Вархеи.

Тој и овојпат не можеше да каже точно кога ќе се одржи првата меѓувладина конференција, но нагласи дека од извештајот се гледа дека се исполнети сите услови за неа.

-Тоа е одлука што ќе ја донесе Советот, се движиме според планот, рече Вархеи.