(Видео) Засадени нови дрвја на местото на исечените на „Орце Николов“


Нови садници посадија службите на Општина Центар на местата на старите, шупливи и болни стебла кои се отстранија при реконструкцијата на улицата „Орце Николов“.

Засадени се 15 веќе подраснати стебла јавори, од видот Acer Campestre, од контејнерско производство, високи над 4 метри и со обем на стебло од 22 до 26 сантиметри.

На почетокот на јуни Општина Центар ги отстрани старите и болни дрва поради поплаките од жителите од околината, кои бараа да бидат отстранети затоа што при секое поголемо невреме имаше опасност од нивно паѓање и нанесување штета, велат од Општината.

Новите дрва во годините што следат повторно ќе го вратат препознатливиот зелен лик на улицата „Орце Николов“.

Според проектот за реконструкција на „Орце Николов“, зеленилото на улицата е зголемено за 20 отсто од пред реконструкцијата.

Покрај јаворите, во долниот дел ќе се засадат и ниски грмушасти садници, кои освен декоративната улога, ќе го следат движењето на улицата, ќе придонесат кон заштитата на животната средина и прочистувањето на воздухот, сметаат од општината.