(Видео) Индија стана четвртата земја која безбедно слета вселенско летало на Месечината

Успешната мисија на Индија на Месечината не е само индиски успех. Тоа е успех на целиот свет. Ние сме една планета, едно семејство, една иднина, рече премиерот Нарендра Моди


 

Индија е на Месечината, ова се зборовите со кои земјата влезе во историјата како само четврта земја во светот која безбедно го спуштила своето вселенско летало на површината на природениот Земјен сателит.

Громогласен аплауз избувна во центарот на Индиската организација за вселенско истражување (ИСРО), каде неколку стотици луѓе внимателно ги следеа податоците на екранот кои покажаа дека целата процедура на слетување се одвива автоматски и без никакви проблеми.

Специјален гостин кој учествуваше преку видео врска беше индискиот премиер, кој по успешното слетување ги поздрави сите собрани и ја истакна важноста на оваа мисија, која ја запиша индиската историја.

 

„Пријатели, во овој среќен момент би сакал да му се обратам на целиот свет. Успешната мисија на Индија на Месечината не е само индиски успех. Тоа е успех на целиот свет. Ние сме една планета, едно семејство, една иднина. Нашата мисија се заснова на човечки пристап, така што успехот му припаѓа на целото човештво и ќе им помогне на другите мисии на Месечината во иднина. Убеден сум дека сите земји во светот, вклучително и оние од јужниот дел на планетата, ќе профитираат од овој успех“, рече премиерот Нарендра Моди.

Индиската мисија Чандрајаан (што значи „месечево возило“ на хинди и санскрит) е втор ваков индиски обид.

Во 2019 година, мисијата Чандрајаан-2 на ИСРО успешно го распореди орбитерот, но неговиот лендер се урна.

Слетувањето на Јужниот пол (на Месечината) всушност ќе и овозможи на Индија да истражи дали има воден мраз на Месечината. Ова е многу важно за кумулативните податоци и науката за геологијата на Месечината, рече Карла Филотико, партнер и управен директор на консултантската фирма SpaceTec Partners.

Индиската јавност трескавично го очекуваше слетувањето, а медиумите го одбројуваа времето до него. Се одржаа молитви во храмовите, џамиите и црквите во земјата, при што учениците мавтаа со индиската тробојка додека чекаа проекции во живо на слетувањето.

Индиската организација за вселенско истражување (ISRO) во пресрет на слетувањето на Chandrayaan-3 на површината на Месечината, објави серија фотографии направени од леталото за време на неговиот престој во орбитата.

Некои од фотографиите може да се погледнат во видео објавено на социјалните мрежи на организацијата.