(Видео) Тојота гради футуристички град во Јапонија, првите жители ќе пристигнат наесен
Првата фаза од изградбата на футуристичкиот град наречен Toyota Woven City е завршена, а градот ќе ги добие првите жители на есен оваа година.
Изградбата започна во 2021 година со цел да се трансформира поранешната фабрика Хигаши-Фуџи Тојота во Сусоно Сити, Јапонија. Локацијата е претворена во комплекс со корпоративен дел, додека другиот дел е заедницата.
Тојота не открива многу детали, но се чини дека има повеќе станбени комплекси со прекрасни балкони. Има и голема стаклена зграда, централен парк и подигната платформа која ги поврзува различните структури.
Од јапонската компанија велат дека наесен во градот ќе пристигнат околу 100 жители, а тоа првенствено ќе бидат вработените и нивните семејства. Тој број треба да се зголеми на вкупно 360 лица во првата фаза, пред населението да достигне 2.000 луѓе.
Жителите ќе бидат познати како Weavers, а ќе им се придружат и Inventors, кои „ќе ја делат обврската да работат за некој друг освен за себе“. Тие ќе бидат фокусирани на развој, тестирање и оценување на иновативни производи и услуги.
Многу од овие „пронаоѓачи“ ќе доаѓаат од Toyota или компании кои се дел од Toyota Group, но ќе има и компании кои истражуваат „простори без полен“, како и оние кои „создаваат нова вредност преку иновативни концепти за автомати“, други ќе ја истражуваат културата на храната и „футуристичките кафеански искуства“.