(Видео): Специјалците од „Тигар“ и Хеликоптерската единица при МВР спасија изнемоштено лице од Галичник


Припадниците на специјализираниот алпинистички тим на Специјалната антитерористичка единица „Тигар“ заедно со колегите од Хеликоптерската единица на МВР денеска од 7.00 до 10.00 часот извлекоа жител на село Галичник. Се работи за евакуација на болно изнемоштено лице, жител на село Галичник, општина Маврово-Ростуше, по упатен повик до Центарот за управување со кризи.

Како што информира МВР, поради снежните навеви на патиштата кон селото, тимот на САЕ „Тигар“ беше принуден да се спушти на локацијата во Галичник, користејќи специјална опрема за спуштање и кревање од хеликоптер.

Лицето, како што се наведува, беше подготвено за транспорт, ставено во хеликоптер и транспортирано до ГОБ „8 Септември“ во Скопје, каде беше предадено за укажување на медицинска помош.

Специјалната антитерористичка единица „Тигар“ при МВР е наменета за извршување на специјални полициски и антитерористички задачи. Покрај основната намена, специјализираните тимови на единицата се користат и за извршување на спасувачки мисии при сложени услови на тешко пристапен терен.